185 АНИМИРАНИ ФИЛМОВИ ЗА СЕДУМ ДЕНА „Флипбук“ ја освојува Кинотеката, КОТУР и „Sе“

Седмото издание на фестивалот носи европски наградувани остварувања, студентски филмови, музички видеа, изложби и мастер-класови.

185 АНИМИРАНИ ФИЛМОВИ ЗА СЕДУМ ДЕНА „Флипбук“ ја освојува Кинотеката, КОТУР и „Sе“
Фото: Принтскрин

Скопје од 3 до 9 август ќе биде домаќин на седмото издание на „Флипбук филм фестивал“, кој годинава за првпат се проширува на седум фестивалски дена и три локации – КОТУР, Кинотеката и просторот „Sе“.

Во рамки на шесте фестивалски селекции ќе бидат прикажани 185 анимирани филмови од различни делови на светот. Публиката ќе има можност да проследи 27 филмови во главната конкуренција, 31 во студентската конкуренција, 13 анимирани документарни филмови, 25 анимирани музички видеа, 53 филмови во Европската панорама, како и 36 остварувања во новата програма за млада публика „Бумбар“.

Фестивалската програма започнува со Европската панорама, која од 3 до 5 август ќе се одржува во КОТУР. На програмата се повеќекратно наградувани европски анимирани филмови, меѓу кои „Water Girl“ на Сандра Десмазие, „Dull Spots of Greenish Colours“ на Саша Свирски, добитник на Гран-при на Анимафест, и латвискиот филм „Freeride in C“ на Едмундс Јансонс.

Официјалното отворање на фестивалот е закажано за 6 август во паркот на Кинотеката. Вечерната програма ќе продолжи со патувачката селекција „WTF OFF“, составена од неконвенционални, провокативни и визуелно радикални анимирани филмови. Програмата лично ќе ја претстави нејзиниот селектор Себастијан Сперер.

Во главната конкуренција ќе бидат прикажани дел од најзабележителните современи авторски анимирани филмови, меѓу кои „Please“ на Ана Манцарис, „Winter in March“ на Наталија Мирзојан, „Dollhouse Elephant“ на Јени Јокела и „A Pint of Bitter“ на Конор Кехили. Дел од селекцијата се и продукциите на Националниот филмски борд на Канада – „Bread Will Walk“ и „Paradaïz“.

За наградите во главната и студентската конкуренција ќе одлучува меѓународно жири составено од наградуваниот англиски автор на куклена анимација Томас Волда, режисерката, продуцентка и директорка на фестивалот „Аниматор“ од Србија, Марија Вулиќ, и босанската режисерка Алета Рајиќ.

Филмовите во конкуренциите за анимиран документарен филм и анимирано музичко видео ќе ги оценуваат словенечката продуцентка Тина Смрекар, аниматорот и режисер Вук Јевремовиќ и хрватскиот режисер Марко Мештровиќ. Членовите на двете жири-комисии ќе бидат активни и во придружната програма, преку мастер-класови, ретроспективи, презентации и изложби.

Особено внимание годинава привлекува новата програма „Бумбар“, наменета за деца над седум и млади над 12 години. Таа ќе се одржува на 8 и 9 август во Кинотеката и ќе понуди 36 внимателно избрани кратки анимирани филмови.

Покрај филмските проекции, „Бумбар“ предвидува и работилници за изработка на флипбук, развој на сценарио и продукција на краток анимиран филм со еколошка тематика. Работилниците се организираат во соработка со „Еко-свест“, која и годинава ќе додели награда за најдобар филм со еколошка тематика.

Придружната програма на фестивалот носи и изложби на цртежи, кукли и сценографии, мастер-класови посветени на куклената и авторската анимација, како и разговори со авторите и членовите на жирито.

Фестивалската атмосфера ќе продолжи и во вечерните часови со средби, забави и караоке. На 7 август ќе биде отворена изложбата „Between Frames“, со кадри, кукли и сценографии од автори застапени во натпреварувачките програми, додека на 9 август Вук Јевремовиќ ќе одржи мастер-клас и ќе ја претстави својата изложба на цртежи и графики.

Со проширената програма, поголемиот број фестивалски денови и новата селекција за најмладата публика, седмото издание на „Флипбук“ го претвора Скопје во центар на современата авторска и експериментална анимација.

CATEGORIES
Share This