ОД ЗАГУБА ДО НОВ ПОЧЕТОК „Македонијатурист“ го презема хотелот „Русија“

Објектот изграден од Сергеј Самсоненко со години надвор од функција.

ОД ЗАГУБА ДО НОВ ПОЧЕТОК „Македонијатурист“ го презема хотелот „Русија“
Фото: Принтскрин

Хотелско-угостителската компанија „Македонијатурист“ го презеде управувањето со хотелот „Русија“, кој се наоѓа во близина на Спортскиот центар „Јане Сандански“ во скопски Аеродром. Акционерското друштво, кое веќе стопанисува со повеќе познати хотели, има регистрирано подружница на адресата на овој објект, кој првично беше изграден од рускиот мултимилионер Сергеј Самсоненко.

Хотелот, изграден во 2014 година, во последниот период не функционирал и не примал гости, според претходни медиумски извештаи.

Во изминатите две години, во „Македонијатурист“ влегоа нови инвеститори и значително беше променета акционерската структура. Компанијата во своето портфолио ги има хотелите „Холидеј Ин“, „Белви“, „Карпош“, „Турист“, како и неактивните „Бристол“, „Јадран“ и „Водно“.

Во последниот финансиски извештај се наведуваат 45 вработени, но и натамошно работење со загуба. Приходот изнесувал нешто повеќе од милион евра, додека загубата била околу половина милион евра, со регистриран паричен влог од 13,5 милиони евра.

CATEGORIES
Share This