ОД НИШТО ДО МИЛИЈАРДИ ЕВРА ПРИХОДИ Како македонскиот ИКТ стана економски гигант

Секторот станува клучен двигател на висококвалификувани работни места.

ОД НИШТО ДО МИЛИЈАРДИ ЕВРА ПРИХОДИ Како македонскиот ИКТ стана економски гигант
Фото: Национал

Македонскиот ИКТ сектор продолжува да се позиционира како еден од клучните двигатели на економскиот раст во земјата, со вкупни приходи од 1,77 милијарди евра во 2025 година и извоз од 676 милиони евра, покажуваат податоците презентирани на првиот македонско-грчки „Digital Bridge & Business ICT Forum“, организиран од МАСИТ и грчката асоцијација SETPE.

Анализата на состојбите во македонската ИКТ индустрија беше претставена од Дамјан Манчевски, член на Управниот одбор на МАСИТ, кој ги изнесе најновите показатели за растот на секторот, неговото влијание врз економијата и трендовите што се очекуваат во наредниот период.

Според податоците на МАСИТ, во 2025 година секторот бележи раст од 7,02% на приходите и 7,13% на извозот во однос на претходната година. Во индустријата работат 24.134 вработени во 3.367 активни компании.

Посебно значаен е долгорочниот раст. Во периодот од 2020 до 2025 година, приходите се зголемиле за 80%, од 985 милиони на 1,77 милијарди евра, додека извозот пораснал за дури 193%, од 231 милион на 676 милиони евра. Во истиот период, бројот на вработени е зголемен за 44%, а бројот на компании за 42%.

„Овие показатели потврдуваат дека ИКТ секторот одамна не е само перспективна индустрија, туку еден од носителите на економскиот развој, извозот и креирањето на висококвалификувани работни места. Растот во изминатите години е резултат на континуирани инвестиции во луѓе, знаење и иновации, но и доказ дека македонските компании успешно се натпреваруваат на меѓународните пазари“, изјави претседателот на МАСИТ, Јордан Димитриевски.

Анализата укажува дека ИКТ секторот учествува со околу 4,5% во бруто-домашниот производ и расте речиси двојно побрзо од целокупната економија. Додека вкупниот економски раст изнесува 3,8%, секторот бележи раст од 7,4%.

Податоците беа презентирани пред претставници на македонски и грчки компании, институции и организации, во рамки на првиот билатерален ИКТ форум, на кој беа реализирани над 190 деловни средби и учество на повеќе од 20 компании од двете земји.

CATEGORIES
Share This