ДКСК ОТВОРИ ПРЕДМЕТ Што се случувало со државни пари на Институтот за јавно здравје

Јавноста очекува реакција од обвинителството и понатамошна истрага.

ДКСК ОТВОРИ ПРЕДМЕТ Што се случувало со државни пари на Институтот за јавно здравје
Фото: Национал

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) соопшти дека на денешниот колегиум, постапувајќи по сопствена иницијатива, отворила предмет поврзан со наодите од ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија, кои се однесуваат на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Од ДКСК информираат дека постапката е покрената врз основа на нивните законски надлежности, а поради потребата од проверка на наводите што се појавија во јавноста и медиумите, како и за проценка на можни ризици од корупција, судир на интереси, злоупотреба на службена положба и други неправилности во работењето.

Комисијата наведува дека ќе ги преземе сите неопходни активности за прибирање и анализа на релевантна документација и информации од надлежните институции, со цел утврдување на фактичката состојба. Јавноста, како што додаваат, ќе биде навремено информирана за понатамошниот тек на постапката.

Во ревизорскиот извештај на ДЗР се наведуваат повеќе неправилности во работењето на ИЈЗ, меѓу кои несоодветен систем на наградување на вработените, набавка на опрема која веќе постоела во институцијата, како и купување електронски уреди со пониски технички карактеристики од платените. Се посочуваат и неправилности во јавните набавки, вклучително и договор за телекомуникациски услуги со значително повисоки трошоци од планираните.

Во извештајот се наведува и пример со набавка на кабел долг 15 километри, платен околу 15 илјади евра, за кој не е утврдено каде се наоѓа.

Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, реагирајќи на наодите од ревизијата, изрази очекување Јавното обвинителство да постапи по утврдените неправилности, кои, како што рече, датираат од период пред нејзиното доаѓање на функцијата.

Таа изјави дека при преземањето на раководната позиција биле констатирани бројни проблеми во работењето, меѓу кои и недостиг на реагенси и неуредна евиденција. Според неа, постоеле случаи на евидентирање присуство на вработени кои не доаѓале на работа, како и ситуации во кои дел од нив примале надоместоци за одредени работни задачи.

Андоновска додаде дека биле забележани и неправилности во склучување договори на дело, издавање простор во сопственост на ИЈЗ спротивно на законските одредби, како и јавни набавки кои не биле предвидени во годишниот план.

Таа нагласи дека дел од вработените професионално си ги извршувале своите обврски и апелираше тие да не се ставаат во ист контекст со утврдените неправилности. Според неа, состојбата во институцијата во голем дел веќе е подобрена.

CATEGORIES
Share This