ОЧИЛА И ЧАСОВНИК ЗА МОЛК НА ИНСПЕКТОРИТЕ Деветмина обвинети за корупција поврзана со „Пулс“ во Кочани

Даночни контролори, според обвинението, примале подароци, преку Вибер откривале информации за ненајавени контроли и прикривале утврдени неправилности.

ОЧИЛА И ЧАСОВНИК ЗА МОЛК НА ИНСПЕКТОРИТЕ Деветмина обвинети за корупција поврзана со „Пулс“ во Кочани
Фото: Принтскрин

Нови детали за сомнителните контроли во дискотеката „Пулс“ во Кочани и во фирми поврзани со неа излегоа на виделина по завршувањето на истрагата на Основното јавно обвинителство Кочани. Девет лица се опфатени со обвиненија за коруптивни и други незаконски дејствија, меѓу кои примање и давање поткуп, злоупотреба на службената положба, оддавање службени тајни и фалсификување службени документи.

Обвинителството поднесе обвинителен акт против три лица и обвинителен предлог против уште шестмина, откривајќи како, според обвиненијата, функционирала мрежата за предупредување за инспекциски контроли и прикривање даночни неправилности.

Во центарот на случајот се двајца даночни контролори обвинети за примање поткуп. Според Обвинителството, тие од трето лице, кое се товари за давање поткуп, побарале и добиле очила и рачен часовник. За возврат, требало да му доставуваат информации за ненајавени вонредни контроли во фирмите во кои тој бил одговорно лице.

Еден од контролорите, иако знаел дека законски не смее да открива информации добиени во текот на даночните постапки, преку пораки на Вибер го известувал обвинетиот за активностите на Управата за јавни приходи и Министерството за внатрешни работи. Поради тоа, покрај примање поткуп, тој се товари и за продолжено кривично дело оддавање службена тајна.

Обвинителството утврдило дека двајцата даночни контролори при инспекциски надзор на 6 март 2024 година откриле даночни неправилности и нерегистриран промет во фирма поврзана со третообвинетиот. Наместо неправилностите да бидат внесени во службениот записник и да следува законска санкција, тие, според обвинението, биле премолчени.

На овој начин, како што наведува Обвинителството, државниот буџет бил оштетен за 98.400 денари, колку што изнесувала ненаплатената глоба. За дополнително прикривање на незаконитостите, второобвинетиот наводно го фалсификувал и службениот извештај од контролата, поради што се товари и за фалсификување службена исправа.

Случајот не завршува со двајцата даночни контролори. Обвинителството поднесе обвинителен предлог и против уште четворица контролори и инспектори поради злоупотреба на службената положба и овластување. Еден од нив дополнително се товари за фалсификување исправа.

Во случајот е опфатена и вработена во Државниот пазарен инспекторат, обвинета дека откривала доверливи информации за времето на спроведување на акциските контроли. Според обвинението, ваквото постапување овозможувало фирмите однапред да дознаат кога инспекторите планираат да извршат надзор.

Посебно внимание привлекува и поврзаноста меѓу дел од обвинетите. Според Обвинителството, контролите биле спроведувани во правни субјекти чиј реален сопственик бил таткото на лицето обвинето за давање поткуп. Иако инспекторите утврдувале неправилности, тие не ги внесувале во записниците, а во одредени случаи биле фалсификувани и извештаите за извршените надзори.

На тој начин фирмите избегнувале плаќање на законски предвидените глоби. Обвинителството го товари и реалниот сопственик на фирмите дека помагал во злоупотребите на службените лица.

Во првичната кривична пријава биле опфатени уште четири лица. За две од нив постапката е запрена поради застареност на кривичното гонење, додека за другите две Обвинителството утврдило дека не постојат дејствија што претставуваат злоупотреба на службената положба или друго кривично дело кое се гони по службена должност.

Со поднесените обвиненија, случајот за сомнителните инспекциски контроли во „Пулс“ и поврзаните фирми добива судска разврска, во која ќе се утврдува одговорноста на деветтемина обвинети. Сите наведени дејствија се предмет на обвиненија, а вината на обвинетите треба да биде утврдена во судска постапка.

CATEGORIES
TAGS
Share This