ОБЈАВЕНА ЛИСТАТА Овие земји го поддржуваат Инфантино, а овие му свртеа грб

Само неколку месеци пред изборите за претседател на ФИФА, објавено е кои национални федерации стојат зад Џани Инфантино, а кои јавно бараат промени на врвот на светскиот фудбал.

ОБЈАВЕНА ЛИСТАТА Овие земји го поддржуваат Инфантино, а овие му свртеа грб
Фото: Принтскрин

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, добива јасна поддршка од дел од светскиот фудбал, но истовремено се соочува и со сè поголем отпор. Со приближувањето на изборите за прв човек на Светската фудбалска федерација, станува појасно кои национални сојузи стојат зад него, а кои бараат промени на врвот на организацијата.

Инфантино е под засилен притисок по пропаѓањето на контроверзниот проект „ФИФА Форвард Ентерпрајз“, но и покрај тоа успева да ја задржи поддршката од значителен број федерации.

Најсилниот адут на актуелниот претседател е Африка. Извршниот комитет на Конфедерацијата на африканскиот фудбал (КАФ) едногласно застана зад Инфантино, испраќајќи јасен сигнал дека африканскиот блок, кој брои 54 членки во ФИФА, останува на негова страна.

Поддршка пристигна и од Аргентина. Аргентинската фудбалска асоцијација (АФА) ја оцени неговата десетгодишна работа како успешна, посочувајќи ја институционалната стабилност на ФИФА и развојот на фудбалот на глобално ниво. Воедно, ја поздрави и неговата одлука да се повлече од проектот „ФИФА Форвард Ентерпрајз“.

Според досега објавените информации, на страната на Инфантино се и Мексико, Парагвај, како и повеќе федерации од Африка и Азија.

Од Европа, пак, доаѓа најсилниот отпор. Јавно против актуелниот претседател се изјаснија Хрватска, Србија, Германија, Англија, Норвешка, Велс, Шведска, Грција, Албанија, Холандија, Финска, Данска и Романија.

Земји кои засега го поддржуваат Инфантино

Катар, Обединетите Арапски Емирати, Мароко, Египет, Шри Ланка, Демократска Република Конго, Џибути, Либан, Индонезија, Филипини, Кувајт, Гамбија, Мексико, Аргентина, Парагвај, Бутан и Бангладеш.

Земји кои се против неговото останување

Германија, Норвешка, Велс, Србија, Шведска, Грција, Албанија, Англија, Јордан, Холандија, Финска, Хрватска, Данска и Романија.

До неодамна Инфантино важеше за речиси сигурен победник на претстојните избори за претседател на ФИФА. Но, последните случувања ја променија политичката клима во светскиот фудбал, па исходот од изборите, кои ќе се одржат во март следната година, станува сè понеизвесен. Бројот на федерации што ќе застанат зад актуелниот претседател би можел да биде клучен во битката за нов мандат.

АРГЕНТИНА ЗАСТАНА ЗАД ИНФАНТИНО Поддршка за четврти мандат, но и порака дека ФИФА направи сериозна грешка

CATEGORIES
Share This