НЕВЕРОЈАТНО ВРАЌАЊЕ – Култната драма „Парите се отепувачка“ се враќа на сцена
По повод 80-годишниот јубилеј на Драмски театар Скопје, Охридскиот театар гостува со култна македонска драма.

По повод одбележувањето на 80 години од постоењето на Драмски театар Скопје, на 5 мај 2026 година, во вторник, на големата сцена на институцијата, Народниот театар од Охрид ќе ја изведе претставата „Парите се отепувачка“ од Ристо Крле, во адаптација и режија на Андреј Цветановски.
Во претставата настапуваат: Стрезо Стаматовски како Митре, Филип Кипровски во улогата на Анѓеле, Марија Новак како Мара, Адријана Билаловиќ-Тодороска како Ката и Никола Тодороски во улогата на Софре.
„Парите се отепувачка“ претставува битово-социјална драма со мотиви од печалбарскиот живот. Делото ја обработува судбината на едно сиромашно македонско семејство кое, поради тешките услови за живот, е принудено да го испрати својот единствен син на печалба. Централната тема, како што сугерира и самиот наслов, е „проклетството на парите“. Дејството е сместено во дваесеттите години на 20 век, во Западна Македонија.
Режисерот Андреј Цветановски истакнува дека делото, и покрај својот класичен статус во македонската драматургија, останува отворено за нови сценски толкувања поради својата универзална тематика.
„Клучните прашања што ги отвора претставата се жртвата на оној што заминува на печалба, но и на семејството што останува да чека. Дали животот може да се стави во пауза во име на подобра иднина? И дали изгубеното време навистина може да се надомести со пари? Со овие дилеми се обидовме да изградиме сценски јазик кој ја претвора драмата во своевидна античка трагедија во македонски битов контекст, вели Цветановски.
За него ова е петта соработка со Народниот театар Охрид. Тој беше и режисер на првата претстава на оваа институција „Метаморфози“, изведена во 2011 година, кога театарот функционираше во рамки на Центарот за култура.
Претставата започнува во 20:00 часот.
