НАД 10.000 ТОНИ БАКАР ГОДИШНО Македонскиот потенцијал што се вклопува во европскиот план
ЕУ сака да ја намали зависноста од Кина за критични минерали, а Иловица е едно од најзначајните досега истражени македонски наоѓалишта.

Европската Унија прави нов чекор кон намалување на зависноста од увоз на критични минерали преку идејата за создавање единствен Центар за критични минерали, кој би ги обединил клучните информации за европските минерални ресурси.
Иницијативата ја поддржаа европските геолошки заводи, обединети во EuroGeoSurveys, од каде што оценуваат дека Европа мора да располага со прецизни и усогласени податоци за своите ресурси, истражувачките активности и можностите за идно снабдување.
Предлогот е системот да не ги опфаќа само земјите членки на ЕУ, туку и соседните држави и земјите-кандидатки. Со тоа би се добила поширока слика за минералниот потенцијал на Европа и регионот.
Во тој контекст, Иловица се издвојува како еден од најзначајните досега истражени бакарни потенцијали во Македонија. Геолошките истражувања на локацијата започнале уште во 1973 година, а дополнителни истражувања од 2011 година спровела компанијата „Еуромакс Ресоурцес“.
Резултатите од истражувањата покажале потенцијал за производство од повеќе од 10.000 тони бакар годишно во период од 23 години.
Наоѓалиштето се наоѓа во источна Македонија, во рамки на кенозојскиот магматски лак кој се протега низ делови од Романија, Србија, Македонија, Бугарија, Грција и Турција. Според геолошките проценки, Иловица претставува порфирски систем со минерализиран простор со дијаметар од околу 1,5 километри.
Паралелно со европските напори, и Македонија ја поставува основата за подобро мапирање на сопствените минерални ресурси. Во Акцискиот план на Стратегијата за минерални суровини 2026-2046, изработена од МАНУ, предвидена е и поголема улога на домашниот Геолошки завод.
Целта е Геолошкиот завод да обезбедува релевантни геолошки информации и, во соработка со европските геолошки институции, да учествува во проекти што ќе помогнат при креирањето национални и европски политики во областа на минералните ресурси.
Од EuroGeoSurveys предупредуваат дека Европа мора да ги обедини геолошките податоци со информациите за индустрискиот вредносен синџир, истражувањата и идниот ресурсен потенцијал. Само така, според нив, ќе може реално да се проценат ризиците од снабдувањето и да се зајакне долгорочната отпорност на европската економија.
Притисокот за вакви мерки дополнително расте поради глобалната конкуренција за критични суровини и зависноста на Европа од Кина. Во фокусот се минерали како ретките земни елементи, кобалтот, бакарот и никелот, кои се клучни за индустријата, енергетиката и современите технологии.
Центарот за критични минерали, според најавите, би требало да стане централна точка преку која ЕУ ќе може подобро да ги проценува потребите, да координира заеднички набавки и да создава стратешки залихи.
Во таква европска стратегија, веќе истражените наоѓалишта како Иловица повторно го отвораат прашањето колкав е реалниот минерален потенцијал на Македонија и дали земјата може да стане дел од идниот европски синџир на снабдување со критични суровини.

