МРАЧНА СТАТИСТИКА Мотоциклисти меѓу жртвите, МВР најавува офанзива
Министерот најави засилени контроли по алармантната статистика за жртви во сообраќајот.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави засилени сообраќајни контроли и нови мерки за зголемување на безбедноста на патиштата, по загрижувачките податоци за бројот на жртви во изминатиот месец.
Во телевизиско гостување, тој посочи дека во претходниот месец во сообраќајни несреќи загинале 12 лица, од кои пет биле мотоциклисти. Според него, за најмалку тројца од загинатите е утврдено дека не носеле заштитна кацига.
Тошковски упати апел до сите возачи на мотоцикли редовно да користат кацига, нагласувајќи дека таа не е само законска обврска, туку средство кое спасува животи.
Тој додаде дека полицијата ќе има построг пристап кон прекршителите кои ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот, со цел намалување на ризикот за сите учесници.
Посебен акцент стави и на електричните тротинети, кои, како што рече, претставуваат сериозен безбедносен предизвик. Министерството, според него, веќе анализира европски практики и подготвува можни законски измени, меѓу кои се разгледуваат построги правила, старосна граница, па дури и регистрација на тротинетите.
Тошковски најави дека реформите во оваа област ќе продолжат и во иднина, со цел намалување на сообраќајните несреќи и бројот на жртви на македонските патишта.
