СТРАШНА ВЕРИЖНА НЕСРЕЌА ВО БУГАРИЈА 12 загинати и 48 повредени, десетици возила се судрија во густата магла
Густата магла и влажниот коловоз предизвикале верижни судири на автопатот „Тракија“, во кои учествувале десетици автомобили и камиони.

Најмалку 12 лица загинаа, а 48 се повредени во една од најтешките сообраќајни несреќи во последните години во Бугарија. Десетици патнички и товарни возила учествувале во верижни судири на автопатот „Тракија“, предизвикани во услови на густа магла и влажен коловоз. Сообраќајот е целосно запрен во двата правци.
Тешката несреќа се случила утрово околу 7 часот, во близина на клучката Зимница, на 290. километар од автопатот. Првата пријава за верижниот судир била примена за сообраќајката во правец кон Бургас, а набргу потоа била пријавена и несреќа во спротивната насока, кон Софија.
Во судирите учествувале голем број автомобили и камиони, а едно од товарните возила се запалило. Дополнителна опасност претставувало присуството на цистерна со пропан-бутан.
Гувернерот на областа Јамбол, Георги Чалаков, потврди дека има загинати и ја опиша ситуацијата како исклучително тешка. Поради сериозноста на несреќата, во регионот бил активиран системот за рано предупредување на населението BG-ALERT.
„Ова е исклучително тешка несреќа, не паметам слична во Бугарија во последните години“, изјави Дијана Русинова, претседателка на Европскиот центар за транспортни политики.
Таа предупреди дека во судирот учествувала и цистерна со пропан-бутан, што дополнително ја зголемило опасноста на местото на несреќата. Според нејзините информации, меѓу возилата имало заглавени лица, меѓу кои и деца. Сведоци раскажуваат дека видливоста била исклучително намалена поради густата магла, додека коловозот бил многу влажен. На местото можеле да се видат запалени камиони и автомобили кои излетале од автопатот и завршиле во околните полиња.
На местото на несреќата биле испратени екипи на Итната медицинска помош од Јамбол, Сливен и Бургас, како и 14 противпожарни екипи. Во извлекувањето на повредените и расчистувањето на последиците учествуваат и повеќе од 20 војници.
Медицинските хеликоптери биле ставени во готовност, но поради густата магла извесно време не можеле да пристапат до местото на несреќата. Во болницата во Сливен биле примени осум пациенти. Според гувернерот на областа, Михаил Кашеров, седуммина се во стабилна состојба, додека едно лице е критично. Во болницата во Јамбол, пак, тројца повредени се во тешка состојба, потврди заменик-директорот на установата, д-р Валентин Валчев.
Поради трагичната несреќа, откажана е денешната седница на бугарската Влада, додека претседателот Румен Радев ја откажал планираната агенда во Варна. Автопатот „Тракија“ ќе остане затворен во двата правци подолг период поради големиот број возила учесници во несреќата и потребата од спроведување детален увид. Полицијата, со придружба, ги извлекува камионите од местото на судирот за да се овозможи расчистување на коловозот и повторно воспоставување на сообраќајот.

