НОВИ ДОКУМЕНТИ ЗА ЕПШТАЈН ЈА ОТКРИВААТ ТЕМНАТА СТРАНА НА МОДАТА Агенции испраќале млади манекенки во неговата куќа

Истрага на BBC и документи на американското Министерство за правда откриваат исплати од милион долари, сомнителни контакти и обвинувања против модни агенти кои наводно испраќале млади девојки во домот на Епштајн.

НОВИ ДОКУМЕНТИ ЗА ЕПШТАЈН ЈА ОТКРИВААТ ТЕМНАТА СТРАНА НА МОДАТА Агенции испраќале млади манекенки во неговата куќа
Фото: Принтскрин

Нови документи на американското Министерство за правда и истражување на BBC отвораат нова, вознемирувачка димензија на случајот со Џефри Епштајн. Повеќе жртви тврдат дека познати модни агенции и нивни агенти ги изложувале на опасност, упатувајќи млади манекенки во домот на осудениот сексуален престапник, и покрај нивните блиски деловни контакти со него.

Сведоштвата на жените повторно ја отвораат темата за мрежата преку која Епштајн доаѓал до своите жртви. Особено загрижувачки се обвинувањата дека дел од луѓето во модната индустрија не само што имале контакти со него, туку и посредувале при испраќањето млади девојки во неговите резиденции.

Една од жените, идентификувана како Роза, имала само 18 години кога американската филијала на агенцијата MC2 Model Management ја испратила на две наводни фотографирања во домот на Епштајн во Палм Бич, Флорида. Таа во САД пристигнала од Узбекистан само еден месец претходно.

„Работата на мојата агенција беше да ме заштити мене и тие не успеаја. Всушност, ме доведоа во опасност“, изјавила Роза за BBC.

Документацијата и извештаите за трошоци покажуваат дека тогашниот американски претседател на MC2, Џеф Фулер, лично го резервирал нејзиниот повратен авионски билет по снимањето. Иако Фулер претходно тврдеше дека не знаел за нејзините посети на домот на Епштајн, електронската пошта од досиејата на американското Министерство за правда открива блиска комуникација меѓу агенцијата и финансиерот.

Според сведоштвото на Роза, наводните фотографирања немале вообичаени професионални услови. Зад камерата била Надја Марчинко, тогашната партнерка на Епштајн, без присуство на стилисти и без јасна деловна организација. Подоцна, Роза станала асистентка на Епштајн – позиција за која жртвите сведочат дека ја користел како начин да ги вовлече во својата мрежа на сексуална експлоатација и злоупотреба.

Документите откриваат дека Епштајн ѝ исплатил еден милион долари на агенцијата MC2 уште во 2005 година, и покрај подоцнежните тврдења на нејзините раководители дека немале поврзаност со него. По второто апсење на Епштајн во 2019 година, американската филијала на MC2 престанала со работа. Сепак, Џеф Фулер набргу основал нова агенција, The Source Models, во која преминале околу 50 модели од претходната компанија.

Адвокатката на жртвите Сигрид Меколи смета дека модните агенции и агентите за таленти имале значајна улога во функционирањето на мрежата, бидејќи можеле да препознаат какви девојки барал Епштајн и да му ги обезбедат.

Истрагата на BBC опфаќа и други личности од модната индустрија. Поранешниот агент Ремзи Елхоли е обвинет дека поврзал десетици жени со Епштајн, меѓу кои и малолетнички и ученички. Тој ги негира обвинувањата, наведувајќи дека погрешно ѝ поверувал на верзијата на Епштајн за случајот од 2008 година.

Во центарот на обвинувањата се најде и Фејт Кејтс, долгогодишна директорка на влијателната агенција Next Management. Таа е обвинета дека на состаноци ги убедувала девојките да се подложат на козметички интервенции и ги упатувала кај Епштајн, кој потоа ги насочувал да се откажат од манекенската кариера и да работат како негови асистентки.

Овие наводи отвораат сериозни прашања за одговорноста на луѓето и компаниите кои имале контакти со Епштајн, но нивната евентуална кривична одговорност мора да биде утврдена во соодветна постапка.

Жртвите и понатаму се соочуваат со тешки психолошки последици од злоупотребите. Една од нив, Симон, сведочела дека Епштајн ја силувал повеќе од 200 пати. Таа и другите жртви ги отфрлаат тврдењата дека доброволно прифаќале злоупотреба заради пари или напредување во кариерата. Дополнителен проблем е тоа што дел од лицата за кои постојат сомневања дека му помагале на Епштајн никогаш не биле обвинети.

Поради законските празнини, сенаторката на државата Њујорк, Зелнор Ј. Мајри, предложила нов закон насочен против трговијата со луѓе заради сексуална експлоатација. Предлогот има цел да ги прошири можностите за утврдување одговорност на лицата кои свесно учествувале во овозможувањето на злоупотребите, но и на оние за кои може да се докаже дека знаеле или имале законска обврска да препознаат што се случува. Роза се надева дека нејзиното јавно сведоштво ќе охрабри и други жртви да проговорат.

„Има многу жртви кои никогаш не проговоруваат затоа што е ужасно. Затоа им велам на сите мои сестри по судбина: сега ме познавате. Го знаете моето име. Контактирајте ме“, порача таа.

Новите откритија повторно го наметнуваат прашањето дали одговорноста за злосторствата на Епштајн ќе се прошири и врз оние кои, според сведоштвата и документите, му овозможувале пристап до неговите жртви.

CATEGORIES
Share This