ЕУ ПРЕДУПРЕДУВА Македонија мора да забрза или ќе остане во чекалната

Европратениците бараат итно усвојување на уставните измени како услов за продолжување на преговорите.

ЕУ ПРЕДУПРЕДУВА Македонија мора да забрза или ќе остане во чекалната
Фото: Принтскрин

Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (AFET) усвои нов извештај за напредокот на Северна Македонија, во кој се нагласува потребата од засилена политичка посветеност, меѓупартиска соработка и забрзување на реформите за земјата да продолжи кон членство во Европската Унија.

Во документот европратениците ја потврдуваат поддршката за европската перспектива на земјата, но истовремено потенцираат дека отворањето на следната фаза од преговорите останува условено со спроведување на суштински реформи и усвојување на договорените уставни измени. Според нив, напредокот од претходниот период е ограничен, поради што е неопходен посилен политички ангажман и надминување на внатрешните поделби.

Еден од клучните заклучоци е дека итната меѓупартиска соработка е неопходна за да се усвојат уставните измени кои би овозможиле отворање на првиот преговарачки кластер. Во извештајот се посочува дека длабоката политичка поларизација и понатаму ги блокира реформските процеси, вклучително и институционалните именувања и изборната реформа, која доцни.

Европратениците оценуваат дека институциите функционираат, но предупредуваат на слаб напредок во клучни области како независноста на судството и борбата против корупцијата. Корупцијата, според извештајот, останува широко присутна, а јазот меѓу истрагите и конечните судски пресуди во случаи на висока корупција е сè уште значителен.

Дополнително, се нагласува дека економскиот развој на земјата е тесно поврзан со владеењето на правото, правната сигурност и стабилноста на институциите. Извештајот предупредува и на зголемени обиди за дезинформациски кампањи и странско влијание насочени кон поткопување на довербата во демократските процеси и европската ориентација.

Во позитивен контекст, се истакнува високото ниво на усогласеност на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, што се оценува како една од најсилните страни во односите со Брисел.

Известувачот за земјата во Европскиот парламент, Томас Вајц, изјави дека се забележани важни реформски чекори, но дека е клучно тие да продолжат со засилено темпо, нагласувајќи дека иднината на Северна Македонија е во Европската Унија.

Извештајот е усвоен со 43 гласа „за“, 17 „против“ и 13 „воздржани“ и следно ќе биде ставен на гласање на пленарна седница на Европскиот парламент. Тој доаѓа по посетата на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во Скопје, каде повторно беше истакнато дека уставните измени остануваат клучен предуслов за отворање на преговорите.

Во поширокиот дел од пакетот извештаи за Западен Балкан, Украина и Молдавија, се нагласува и состојбата во Босна и Херцеговина, каде се изразува загриженост за политичките случувања и се предлага идниот висок претставник да биде од земја членка на ЕУ, со јасен план за постепено пренесување на надлежностите на специјален претставник на Унијата.

ЕВРОПА ЈАСНА КОН МАКЕДОНИЈА Без ова, нема преговори

CATEGORIES
Share This