МОСКВА ВО ПОЛН СЈАЈ – Илјадници војници маршираат на Парадата на победата

Денот на победата останува еден од најважните државни празници во Русија и симбол на сеќавањето на жртвите од Втората светска војна.

МОСКВА ВО ПОЛН СЈАЈ – Илјадници војници маршираат на Парадата на победата
Фото: Принтскрин

Во Москва денеска се одржува големата Парада на победата по повод 81-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна.

Паради и свечености веќе се одржаа во неколку руски градови, меѓу кои Владивосток и Новосибирск. Во церемониите учествуваа илјадници припадници на армијата, кадети и единици од Источниот и Централниот воен округ.

Денот на победата, кој во Русија традиционално се одбележува секој 9 мај, претставува еден од најзначајните датуми во современата руска историја и симбол на победата над фашизмот.

Големата патриотска војна, која траела од 1941 до 1945 година, била најмасовниот и најкрвавиот конфликт во историјата. На фронтот, кој се протегал од Баренцовото до Црното Море, во различни периоди се бореле меѓу осум и тринаесет милиони луѓе, со огромна воена техника, артилерија и авијација.

Нацистичка Германија планирала брзо освојување на Советскиот Сојуз и заземање на Москва, Ленинград и клучните индустриски региони. Сепак, советските сили успеале да ја запрат германската офанзива во големите битки кај Москва, Сталинград, Курск и на Днепар, а потоа, заедно со сојузниците, да придонесат за ослободувањето на Европа и падот на нацистичка Германија.

Победата била платена со огромни човечки загуби и Советскиот Сојуз изгубил околу 27 милиони луѓе, а илјадници градови и села биле разурнати. Актот за безусловна капитулација на Германија бил потпишан на 8 мај 1945 година во близина на Берлин, но поради временската разлика во Москва веќе бил 9 мај и датум кој останал симбол на победата и сеќавањето.

Денес, одбележувањето на Денот на победата во Русија вклучува воена парада на Црвениот плоштад, минута молчење, положување венци и традиционалната акција „Бесмртен полк“, во која граѓаните носат фотографии од своите предци кои учествувале во војната.

CATEGORIES
Share This