МОН ГО ПРОДОЛЖИ РОКОТ Бруцошите добија уште време за студентски дом

Проблемот настана поради вториот уписен рок – дел од студентите немаа време да обезбедат потврда за редовен студент.

МОН ГО ПРОДОЛЖИ РОКОТ Бруцошите добија уште време за студентски дом
Фото: Национал

Министерството за образование и наука го продолжи рокот за аплицирање за сместување во студентските домови за студентите кои годинава првпат се запишуваат на факултет.

Рокот првично беше до 20 септември, но беше продолжен поради тоа што дел од кандидатите примени во вториот уписен рок немаат доволно време да го завршат факултетскиот упис и да ја обезбедат потврдата дека се редовни студенти.

Конкурсот за бруцошите започна на 14 септември, а за нив се обезбедени 699 од вкупно 3.498 места во студентските домови во државата.

Проблемот особено се однесува на студентите примени во вториот уписен рок. На дел од факултетите при УКИМ нивното запишување е предвидено за 21 септември, односно еден ден по првично утврдениот рок за аплицирање во домовите.

Без завршен упис, студентите не можат да ја добијат потврдата за редовен студент, која е задолжителен документ при аплицирањето.

Поради тоа, МОН го продолжи рокот за да им овозможи и на овие студенти навреме да ја обезбедат потребната документација и да конкурираат за сместување.

Пријавувањето се врши електронски преку порталот за е-услуги на Министерството, при што секој студент може да конкурира за сместување во еден студентски дом.

За академската 2026/2027 година, најголемиот дел од капацитетите, односно 2.799 места, се наменети за студентите од втора и повисоките години, додека 699 места се резервирани за бруцошите.

Конечните резултати за студентите од прва година треба да бидат објавени најдоцна до крајот на септември. Доколку по завршувањето на конкурсот останат слободни места, пријавувањето може да продолжи до нивно пополнување, но најдоцна до 30 ноември.

CATEGORIES
Share This