5 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ОД САД ЗА АНТИМОНОТ КАЈ КРИВА ПАЛАНКА – Мицкоски: Ова е само почеток
Вашингтон влегува во проектот „Крстов Дол“ кај Луке, а во игра се и „Чебрен“, „Галиште“ и нови американски инвестиции во Македонија.

Проектот за антимон во Крстов Дол, во близина на селото Луке кај Крива Паланка, ќе добие грант од пет милиони долари од САД за негов понатамошен развој, најави премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МИА од Вашингтон.
Мицкоски го посочи проектот како една од првите конкретни иницијативи што произлегуваат од продлабочувањето на стратешкото партнерство меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави.
„Таму се присутни со грант од пет милиони долари за развој на проектот во Крстов Дол, во местото Луке, Кривопаланечко, но тоа е само почеток“, изјави Мицкоски.
Премиерот информираше дека за време на престојот во Вашингтон разговарал и со претставници на Американската финансиска корпорација за развој (DFC), која располага со финансиско портфолио од околу 200 милијарди долари.
Во фокусот на разговорите, покрај проектот за антимон, биле и можностите за финансирање на големи енергетски проекти, меѓу кои „Чебрен“ и „Галиште“, како и други инфраструктурни, енергетски и приватни инвестиции од САД.
Според Мицкоски, американската администрација ја гледа Македонија како близок пријател и значаен партнер во регионот и Европа, а интересот за инвестирање во земјава е зголемен.
Тој очекува стратешкото партнерство со САД во наредните години да донесе повеќе капитални проекти со долгорочно значење за македонската економија.
Важно е да се напомене дека најавениот грант од пет милиони долари се однесува на развој на проектот за антимон, а не претставува целосно финансирање за отворање и функционирање на рудникот.

