МЛАДАТА ПЕЈАЧКА ЈА ТРОГНА МАКЕДОНИЈА – Преработка што буди силни емоции
Модерна преработка на култен југословенски хит посветен на Македонија и дијаспората

Младата поп-пејачка Дорис Ди (16) ја промовираше новата песна „Земјо моја“, модерна преработка на култниот хит што првично го отпеа Исмета Крвавац, со музика на Кемал Монтено од 1975 година, создадена во периодот на поранешна Југославија.
Новата верзија е посветена на Македонија, со текст на Огнен Неделковски и аранжман на Никола Мицевски.
На промоцијата, Дорис истакна дека идејата за проектот потекнува од нејзиниот татко, Дејан Димовски, кој уште пред неколку години ја иницирал преработката. Таа призна дека чувствувала голема одговорност поради тежината на оригиналната песна, но дека со поддршка од тимот успеала да ја реализира. Песната ја посветува на младите што заминале од земјата.
Текстописецот Огнен Неделковски појасни дека новата верзија на текстот била напишана одамна, но дури сега добила вистински изведувач. Тој нагласи дека оригиналната композиција е создадена за Југославија, која повеќе не постои, а целта на новата верзија е да допре до Македонците во дијаспората и да разбуди носталгија и припадност. Неделковски откри и дека добивањето на правата се реализирало преку семејството на Кемал Монтено.
Аранжерот Никола Мицевски изјави дека соработката со Дорис била исклучително лесна, нагласувајќи дека младата пејачка покажала голема зрелост и подготвеност во студиото.
Режисерот на спотот Марјан Огненовски од продукцијата „Фабрика“ информираше дека видеото е снимено на повеќе локации низ Македонија, меѓу кои Охрид, Скопје и манастирот „Св. Јован Бигорски“, и дека во проектот била вклучена цела семејна екипа.
Промоцијата ја водеше Соња Алексоска-Неделковска, која истакна дека Дорис ја следи од почетоците и дека нејзиниот вокал и емоција ветуваат сериозен пробив на музичката сцена.
