ИСТИ ПАРИ ЗА СИТЕ ПЕНЗИОНЕРИ – ПРАВИЧНОСТ ИЛИ НЕПРАВДА Уставниот суд ја отфрли иницијативата

Судот, сепак, не одлучуваше за суштината на овие наводи, туку ја отфрли иницијативата бидејќи оспорената одредба важела за точно определен период.

ИСТИ ПАРИ ЗА СИТЕ ПЕНЗИОНЕРИ – ПРАВИЧНОСТ ИЛИ НЕПРАВДА Уставниот суд ја отфрли иницијативата
Фото: Принтскрин

Уставниот суд ја отфрли иницијативата со која беше оспорена одредба од Законот за пензиското и инвалидското осигурување што предвидуваше линеарно усогласување на пензиите. Со тоа, Судот не се впушти во оценување дали ваквиот модел е уставен, туку одлучи поради процесна пречка, односно затоа што оспорената одредба имала времен карактер и нејзината примена престанала.

Од Уставниот суд образложија дека одредбата се однесувала на точно определен период, по чиј истек престанала да важи. Поради тоа, како што наведуваат, немало процесни услови за мериторно одлучување.

„Судот оцени дека оспорената одредба има времен карактер, односно дека се однесува на точно определен период, по чиј истек престанала нејзината примена. Поради ова, постои процесна пречка за Судот мериторно да одлучува и, согласно член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд, исполнети се условите за отфрлање на иницијативата“, се наведува во образложението.

Подносителите на иницијативата, заведена под предметот У.бр.96/2025, го оспоруваа принципот на линеарно зголемување, при кое сите пензионери добиваат ист номинален износ, без оглед на висината на пензијата, претходните примања, уплатените придонеси и годините работен стаж.

Според нивните наводи, ваквиот пристап неоправдано ги става во понеповолна положба пензионерите со повисоки пензии, кои, како резултат на повисоки плати и подолг работен стаж, во текот на работниот век уплаќале повеќе придонеси.

„Без објективно и разумно оправдување се фаворизира една категорија пензионери со ниски пензии на сметка на друга“, се наведува во иницијативата, во која се тврди дека линеарното зголемување доведува до релативно помал раст во проценти кај пензионерите со повисоки примања и отвора прашање за еднаквоста во третманот.

Оспорувачите сметаат дека таквиот модел е спротивен на уставното начело на еднаквост, бидејќи, според нив, ги третира еднакво пензионерите што се наоѓаат во различни материјални и придонесни ситуации.

Сепак, со одлуката на Уставниот суд не е потврдено ниту дека линеарното усогласување е уставно ниту дека наводите за дискриминација се основани. Судот ја отфрлил иницијативата од процесни причини, без да навлезе во суштината на спорот.

Прашањето за правичноста на пензискиот модел и понатаму останува предмет на јавна дебата: дали зголемувањето на пензиите треба да даде поголема поддршка на оние со најниски примања или во поголема мера да ги следи претходните придонеси, платите и работниот стаж?

CATEGORIES
Share This