МИСТЕРИЈА ВО ПЕНТАГОН Исчезнаа податоци за загинати и повредени американски војници
Од официјалната база исчезнале податоци за четири смртни случаи и десетици повредени, додека Пентагон тврди дека станува збор за технички проблем.

Официјалната веб-страница на Пентагон за следење на воените жртви и натаму прикажува неточни податоци, речиси еден ден откако од јавната евиденција исчезнаа информации за загинати и повредени американски војници во конфликтот со Иран, објави CNN.Според претходно објавените податоци, во конфликтот загинале 18 американски војници. Но, во четвртокот од официјалната база биле отстранети податоците за четири смртни случаи, како и информациите за десетици повредени припадници на американската војска.
Од Министерството за одбрана на САД велат дека станува збор за „прекин на податоците“, а не за намерно бришење или отстранување на информации. Случајот предизвика реакција во американскиот Сенат. Дванаесет демократски сенатори од Комитетот за вооружени сили побараа од министерот за одбрана Пит Хегсет детално објаснување за проблемот, како и целосен и точен преглед на воените загуби.
„Американскиот народ, Конгресот, припадниците на војската и нивните семејства имаат право на целосен и точен приказ на човечката цена на војната“, се наведува во писмото на сенаторите.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно потврди дека во конфликтот загинале 18 американски војници, но значењето на бројката го релативизираше споредувајќи ја со загубите во Виетнамската војна.
„Еден е премногу, но се работи за 18, додека во Виетнам изгубивме 200.000“, изјави Трамп.
Според официјалните податоци на Пентагон, во Виетнамската војна загинале 58.220 американски војници. По последната промена на евиденцијата, јавната база на податоци прикажувала 14 загинати американски војници, меѓу кои и морнар кој почина на почетокот на јули по пад на хеликоптер во Арапското Море. Главниот портпарол на Пентагон, Шон Парнел, изјави дека причината се технички проблеми во системот.
„Министерството за војна е свесно за привремените нарушувања на податоците во системот за анализа на воените жртви. Проблемите во моментов се решаваат во соработка со воените служби“, рече Парнел.
Сепак, Пентагон не даде објаснување зошто податоците не биле целосно обновени речиси 24 часа по проблемот, ниту дали ќе бидат преземени мерки за да се спречат вакви ситуации во иднина. CNN претходно објави дека во официјалната база имало и други значителни промени во бројот на жртвите. Воени претставници објасниле дека понекогаш се потребни денови, па и недели, за одредени случаи да бидат официјално внесени поради медицински проверки и административни процедури.
Пентагон во текот на конфликтот беше критикуван и поради бавното објавување информации за бројот на повредени американски војници. Од Министерството претходно соопштија дека од почетокот на конфликтот биле повредени „речиси 100 припадници на американската војска“, но голем дел од тие случаи во тој момент не биле евидентирани во јавно достапната база.
Демократските сенатори сега бараат детален извештај за сите загинати и повредени американски војници, како и објаснување зошто јавно достапните податоци не се ажурираат навремено и прецизно.
„Јавноста има право да ги знае сите трошоци на војната“, порачаа сенаторите во барањето упатено до Пентагон.


