МИСТЕРИЈА КРАЈ БИТОЛА Кој град се крие под „Градиште Црнобуки“

Петгодишните истражувања откриваат монети од Филип Втори, Филип Петти и Персеј, предмети од времето на Римската Република и луксузна керамика – сведоштва за континуиран живот во траење од околу 2.000 години.

МИСТЕРИЈА КРАЈ БИТОЛА Кој град се крие под „Градиште Црнобуки“
Фото: Принтскрин

Археолошкиот локалитет „Градиште Црнобуки“ има потенцијал да прерасне во уште една атрактивна туристичка дестинација во Битола, особено преку поврзување на културниот и етнотуризмот. За тоа, сепак, неопходно е да се подобри пристапот до селото Црнобуки и да се изгради соодветен пат до локалитетот. Доколку се реализира патната инфраструктура, Битола на својата туристичка мапа би можела да додаде исклучително вредна содржина, која покрај археолошкото наследство би понудила и можност за запознавање со традицијата и животот во овој дел од Пелагонија.

Петгодишните археолошки истражувања на „Градиште Црнобуки“ откриваат значајни податоци за животот на населението во минатото. На локалитетот се пронајдени бројни артефакти кои укажуваат дека станувало збор за урбана средина, постара од Хераклеја Линкестис. Особено внимание привлекуваат пронајдените монети од времето на Филип Втори Македонски, Филип Петти и Персеј, но и на Римската Република. Откриената луксузна керамика, увезувана од големите трговски центри, дополнително сведочи за развиени трговски врски и интензивен живот на локалитетот.

Сите овие наоди упатуваат на континуирано населување во период од околу две илјади години, што го прави „Градиште Црнобуки“ особено значаен за проучувањето на историјата на регионот. Сепак, и понатаму останува отворено прашањето за идентитетот на древниот град кој се наоѓал на ова место. Токму оваа археолошка енигма, заедно со богатството од пронајдени предмети, може да биде дополнителен мотив за посетителите и истражувачите.

Досегашните археолошки истражувања се реализираат со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам, како и со стручна соработка и поддршка од колегите од Универзитетот Полихамболд од Соединетите Американски Држави. Со вложување во инфраструктурата и соодветна туристичка промоција, „Градиште Црнобуки“ би можело да стане нова точка на културната и туристичката мапа на Битола.

МИСТЕРИЈА ПОД ЗЕМЈА КАЈ ЦРНОБУКИ Откриени над 400 антички монети од заборавен град

CATEGORIES
Share This