МИЛИЈАРДИ AI АГЕНТИ ЌЕ РАБОТАТ ЗА ЛУЃЕТО Но научниците открија проблем
Истражување на NTT Research и Харвард покажува дека постои оптимален број AI агенти за соработка, а нивното зголемување може да доведе до поларизација и полоши одлуки.

Иднината на вештачката интелигенција ќе ја одбележат личните AI агенти, кои ќе им помагаат на луѓето во речиси сите аспекти од секојдневниот живот, смета извршниот директор на „Мета“, Марк Закерберг. Тој очекува во следните пет години милијарди луѓе да имаат сопствен интелигентен асистент кој ќе ги разбира нивните цели и потреби и ќе работи во нивен интерес во текот на целиот ден.
Говорејќи пред инвеститорите по објавувањето на кварталните резултати на „Мета“, Закерберг оцени дека е „исклучително малку веројатно“ по пет години луѓето да немаат личен AI агент кој ќе им помага во областите што им се најважни. Според неговата визија, овие дигитални асистенти би можеле да преземаат задачи поврзани со управување со личните финансии, здравјето, односите со другите луѓе, организацијата на домот и бројни други секојдневни обврски.
Закерберг смета дека ширењето на AI агентите дополнително ќе ја зголеми важноста на платформите за комуникација, особено WhatsApp и Messenger. WhatsApp, според него, веќе е главниот канал преку кој корисниците комуницираат со Meta AI. Во трката за развој на персонализирана вештачка интелигенција се вклучени и другите големи технолошки компании. Google ги претстави персонализираните AI агенти како една од позначајните новини во својата платформа за пребарување, додека Anthropic бележи раст на бројот на корисници со својот асистент за програмирање Claude Code.
Милијарди долари за развој на AI
Развојот на ваква технологија, сепак, бара огромни инвестиции. Одделот Reality Labs на „Мета“, задолжен за AR очила, VR уреди и поврзан софтвер, во последниот квартал пријавил загуба од околу 4,6 милијарди долари. Со тоа, вкупните акумулирани загуби на овој сектор од 2021 година достигнале околу 88 милијарди долари. Компанијата истовремено пријавила слободен паричен тек од само 784 милиони долари, што претставува пад од околу 91 процент во споредба со 8,55 милијарди долари во истиот период минатата година.
Од „Мета“ објаснуваат дека падот е поврзан со огромните вложувања во инфраструктурата неопходна за развој на вештачката интелигенција. Закерберг, сепак, верува дека инвестициите ќе се исплатат и дека личните AI агенти ќе станат темел на нова генерација производи и извори на приходи. Бизнис-ориентираните AI агенти на „Мета“, кои во последниот квартал глобално беа достапни преку WhatsApp и Messenger, веќе ги користат повеќе од еден милион компании ширум светот.
Научниците: Поголем број агенти може да значи полоши одлуки
Но, научните истражувања покажуваат дека постојат и ограничувања во работата на голем број AI агенти истовремено. Истражување на Лабораторијата за физика на вештачката интелигенција (PAI) при NTT Research и Центарот за наука за мозокот при Универзитетот Харвард покажало дека постои оптимален број агенти за ефикасна соработка. Во експериментот била користена играта „Flag“. Секој AI агент гледал само дел од национално знаме, а преку меѓусебна комуникација требало да утврдат на која држава ѝ припаѓа.
Најдобри резултати биле постигнати кога во процесот учествувале 16 агенти. Кога биле помалку, немало доволно информации за донесување заедничка одлука. Но, кога бројот бил зголемен, агентите почнувале да се поларизираат и да се групираат во спротивставени табори. Тоа доведувало до намалување на квалитетот на конечната одлука. Истражувањето покажува дека иднината на AI агентите нема да зависи само од тоа колку се интелигентни поединечните системи, туку и од тоа колку добро можат да комуницираат и да соработуваат меѓусебно.
И додека Закерберг предвидува свет со милијарди лични AI агенти, научните резултати отвораат важно прашање: дали повеќе AI агенти навистина значат и подобри одлуки?

