МИЦКОСКИ ВО ВАШИНГТОН СО ГОЛЕМИ ПЛАНОВИ Нови американски инвестиции и компании од воената индустрија, говор во ОН
Премиерот најави „ултра високо“ ниво на средби во Сенатот, Конгресот и Стејт департментот, а откри и дека засега нема планирана средба со бугарската делегација.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска заминува во Соединетите Американски Држави со владина делегација, каде што во Вашингтон ќе оствари средби со високи претставници на Сенатот, Конгресот и Стејт департментот, како и со претставници на американската финансиска институција DFC и влијателни тинк-тенк организации.
Мицкоски најави дека во фокусот ќе бидат и можностите за привлекување нови американски инвестиции, особено во енергетиката, напредната технологија и воената индустрија.
„DFC е присутна преку својата инвестиција во проектот Крстодол или Антимон. Има интерес и за други проекти во енергетиката и напредната технологија, така што сакам подлабоко да ги понудиме нашите капацитети“, рече Мицкоски во гостување во дневникот на МТВ.
Премиерот посочи дека Македонија сака да привлече и компании од воената индустрија. Во таа насока, во подготовка е нов закон со Министерството за одбрана, со кој би се отворила можноста за поголемо користење на воениот полигон Криволак за потребите на странски компании.
Според Мицкоски, целта е преку ваквите активности да се поттикнат нови инвестиции и дополнително да се забрза економскиот раст.
По Вашингтон, владината делегација ќе замине во Њујорк, каде што Мицкоски ќе учествува на Генералното собрание на Обединетите нации и ќе има билатерални средби со повеќе државници.
„Се ориентиравме на соседството, а ќе се обидеме да имаме билатерални средби и со земји од Заливот, каде што цениме дека треба да градиме добри и солидни партнерски врски“, изјави премиерот.
Тој потврди дека е предвидено и присуство на прием организиран од американскиот претседател.
Во однос на Бугарија, Мицкоски рече дека засега нема планирана средба со бугарската делегација.
На прашањето за позицијата на Македонија на средбата на лидерите од Западен Балкан, која традиционално се одржува во рамките на Генералното собрание на ОН, Мицкоски порача дека Владата нема да отстапи од своите ставови во однос на уставните измени и барањето за гаранции.
„Ние ставовите не ги менуваме инстант или преку ноќ. Кога градиме став, тоа е процес што долго трае. Нашите ставови се повеќеслојни и не ги градиме ад хок, па по потреба ги менуваме. Не правиме естрадни потези, водиме јасна политика која нуди гаранции на подолг рок“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека на средбата ќе присуствува лично доколку таа биде на ниво на шефови на држави или влади, додека во случај да биде на министерско ниво, Македонија ќе ја претставува министерот за надворешни работи.

