100 МЕГАВАТИ СТРУЈА И ВОДА ОД ВАРДАР?! СДСМ ПРАШУВА Кој ќе ја плаќа цената на центарот за податоци

Од СДСМ бараат Владата да открие кој е инвеститорот, колку струја и вода ќе се трошат и што точно добива Македонија од проектот.

100 МЕГАВАТИ СТРУЈА И ВОДА ОД ВАРДАР?! СДСМ ПРАШУВА Кој ќе ја плаќа цената на центарот за податоци
Фото: Национал

СДСМ обвинува дека Владата продолжува со реализацијата на проектот за изградба на центри за податоци, иако, според опозициската партија, јавноста сè уште нема конкретни одговори за инвеститорот, потрошувачката на електрична енергија и вода, како и условите под кои ќе се реализира проектот.

Од СДСМ велат дека премиерот Христијан Мицкоски повторно посочил дека процесот е „неповратен“, но бараат од Владата да одговори кој стои зад инвестицијата и колку ќе ја чини државата.

„Кој инвестира? Колку мегавати електрична енергија ќе се трошат? Дали струјата ќе биде произведена во Македонија или ќе се увезува? Од каде ќе се обезбедува водата и каде ќе завршува загреаната вода од системите за ладење?“, прашуваат од СДСМ.

Партијата посочува дека компанија тврди оти има обезбедено 100 мегавати електрична енергија и директен пристап до Вардар, како и дека Владата веќе дала зелено светло за проектот.

СДСМ бара да се објават и податоците за водните ресурси што би се користеле – дали станува збор за Вардар, Лепенец, Треска или водоснабдителниот систем во Гостивар како и информација каде би се испуштала загреаната вода.

Од партијата предупредуваат дека големите центри за податоци се значајни потрошувачи на електрична енергија и вода и се повикуваат на примери од Ирска, Амстердам, Сингапур, Њујорк, Малезија и Чиле, каде што ваквите проекти биле ограничувани или преиспитувани поради притисокот врз енергетските и водните ресурси.

„Не сме против дигитализацијата, но центарот за податоци не е дигитализација, туку инфраструктура за туѓи дигитални услуги“, велат од СДСМ.

Во соопштението партијата остро порачува:

„СДСМ е против кражба облечена во сервер“.

Од СДСМ бараат Владата јавно да ги објави податоците за инвеститорот, договорот, потребната електрична енергија, количината вода и финансиските придобивки од проектот.

Според опозициската партија, доколку граѓаните преку сметките за струја и вода ги сносат трошоците, тогаш јавноста има право да знае какви се условите на договорот и кој ќе ги има економските придобивки.

CATEGORIES
Share This