СУПЛЕМЕНТИ ЗА МАШКОСТ ВО ЦЕНТАРОТ НА ИСТРАГАТА 6 лица приведени, претреси низ Македонија

Најмалку шест лица се приведени, а претреси се вршат на десетина локации во Скопје, Тетово и Гевгелија. Министерот за здравство предупреди на сериозни здравствени ризици од нелегалните производи.

СУПЛЕМЕНТИ ЗА МАШКОСТ ВО ЦЕНТАРОТ НА ИСТРАГАТА 6 лица приведени, претреси низ Македонија
Фото: Принтскрин

Суплементи за потенција и други производи што се рекламирале како средства за подобрување на машкото здравје се во центарот на големата полициска акција што денеска се спроведува против криминална група осомничена за криумчарење и нелегална трговија со лекови, медикаменти и медицински суплементи.

Министерот за здравство Сашо Клековски, во вечерашното гостување во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, откри дека во конкретниот случај не станува збор за регистрирани лекови, туку за додатоци и производи кои, како што посочи, се надвор од законските рамки.

„Во прашање не се лекови, туку додатоци и надрилекарства. Случајот е поврзан со претходна акција, која не е поврзана со ботокс, а сите заедно се поврзани со сузбивање на шверцот и нелегалната трговија на лекови и суплементи и други средства кои предолго време, претпоставувам, биле толерирани, а може да доведат до големи несакани последици“, изјави Клековски.

Производи со „тревки“ и недозволени својства

Според министерот, станува збор за различни додатоци во исхраната кои содржат растителни состојки и се продаваат со наводни својства за подобрување на сексуалната функција и работата на различни органи.

„Во основа се додатоци кои имаат тревки во различни комбинации кои се продаваат со различни својства, како поддршка на машкоста, подобрување на работа на еден, друг, трет орган, кои не се регистрирани во земјава за таква намена и се комплетно надвор од законот“, додаде Клековски.

Шест лица приведени, претреси на повеќе локации

Најмалку шест лица се приведени во полициската акција која започна во утринските часови. Според досегашните информации, претреси се вршат на десетина локации во Скопје, Тетово и Гевгелија.

Акцијата е насочена кон криминална група осомничена за криумчарење стоки и нелегална трговија со лекови, медикаменти и медицински суплементи.

Под истрага и коруптивни кривични дела

Од МВР претходно потврдија дека полициската акција се спроведува под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Во акцијата постапува Одделот за сузбивање на организиран криминал при МВР, а според информациите од МВР, групата е осомничена и за извршување на коруптивни кривични дела.

Клековски: Ризикот не е само финансиски

Министерот за здравство предупреди дека проблемот со нелегалните суплементи не се сведува само на финансиска штета за граѓаните.

Како што посочи, употребата на нерегистрирани производи може да носи и здравствени ризици, особено кога нивниот состав, квалитет и намена не се контролирани согласно законските стандарди.

Деталите за целосниот обем на акцијата и за лицата опфатени со истрагата се очекува да бидат соопштени од надлежните институции.

CATEGORIES
Share This