МИЦКОСКИ: 4,5 милиони евра заштеда за граѓаните за само две недели
Премиерот Мицкоски ги објасни ефектите од владините мерки за цените на горивата.

Цените на горивата во Македонија во моментов се меѓу најниските во Европа, а владините мерки во следните две недели ќе обезбедат директна заштеда за граѓаните од 4 до 4,5 милиони евра, изјави премиерот Христијан Мицкоски во гостување на Македонската радио-телевизија.
Според Мицкоски, високите цени на горивата се последица на исклучително високата цена на нафтата на светските берзи. Тој, повикувајќи се и на оценки од меѓународни енергетски експерти, меѓу кои и директорот на Меѓународната агенција за енергија, Фатих Бирол, оцени дека светот се соочува со сериозна енергетска криза.
„Во овие услови, цената којашто ја имаат горивата во Македонија е најниска во Европа. Кога велиме најниска, е убедливо најниска во Европа. Можеби Руската Федерација и Белорусија имаат пониска цена на горивата од таа којашто е кај нас“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека во споредба со соседните и регионалните земји, горивата во Македонија се од 20 до 50 отсто поевтини во однос на цените во Грција, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Словенија.
Премиерот нагласи дека без владините мерки, цената на дизелот би била повисока за 11 до 11,5 денари за литар.
„Што значи тоа во пари? Тоа значи повеќе од 250.000 евра на ден. Толку е заштедата со мерките на Владата што ја прават граѓаните“, изјави Мицкоски.
Со вклучување на заштедите кај бензините со 95 и 98 октани, вкупната директна заштеда за граѓаните, според премиерот, надминува 300.000 евра дневно.
Мицкоски оцени дека пониските цени на горивата имаат позитивно влијание и врз инфлацијата.
Тој посочи дека инфлацијата во јули и август се движела меѓу два и три отсто, што, според него, ја вбројува Македонија меѓу земјите со најниска инфлација во Европа.

