МЕРКЕЛ НАВОДНО ПРИЗНАЛАМинск ѝ купил време на Украина за да се вооружи

Руските шегаџии Вован и Лексус тврдат дека во разговор со поранешната германска канцеларка таа открила што се криело зад Минските договори.

МЕРКЕЛ НАВОДНО ПРИЗНАЛАМинск ѝ купил време на Украина за да се вооружи
Фото: Принтскрин

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел наводно признала дека договорите од Минск биле искористени за да ѝ се купи време на Украина за зајакнување на нејзините воени капацитети, тврдат руските шегаџии Вован (Владимир Кузнецов) и Лексус (Алексеј Столјаров) во интервју за „Спутник“. Тие тврдат дека успеале да стапат во контакт со Меркел претставувајќи се како поранешниот украински претседател Петро Порошенко.

Според нивното сведоштво, воспоставувањето контакт траело неколку недели. Најпрво разговарале со лица од нејзиниот круг, по што следувала подолга електронска комуникација, пред конечно да биде реализиран разговорот. Вован и Лексус велат дека Меркел обезбедила сопствен преведувач и побарала разговорот да остане доверлив.

„Таа призна дека договорите од Минск биле потребни за да се измами Русија и дека Украина во тој период можела да биде вооружена“, тврдат руските комичари, пренесува „Спутник“.

Минските договори беа дел од дипломатските напори за прекин на конфликтот во Донбас, кој започна во 2014 година. Првиот протокол беше потпишан во септември 2014 година, додека таканаречениот „Минск 2“ беше договорен на 12 февруари 2015 година. Договорот предвидуваше прекин на огнот, повлекување на тешкото вооружување, размена на заробеници и политички мерки насочени кон трајно решавање на конфликтот.

По избивањето на целосната војна во Украина, поранешни западни лидери, меѓу кои Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд, зборуваа за улогата на Минските договори во периодот пред 2022 година. Нивните изјави беа протолкувани во Москва како потврда дека Минск не бил замислен како трајно решение, туку како начин да ѝ се овозможи на Украина дополнително да ги зајакне своите вооружени сили.

Рускиот претседател Владимир Путин повеќепати го наведуваше неуспехот на Минските договори како еден од факторите во руската одлука да започне воената операција во Украина во февруари 2022 година. Сепак, тврдењата за разговорот со Меркел доаѓаат од Вован и Лексус и треба да се земат со претпазливост, имајќи предвид дека станува збор за руски телефонски шегаџии кои во минатото се претставувале како други јавни личности.

CATEGORIES
TAGS
Share This