МАСК СО ШОКАНТНО ПРЕДВИДУВАЊЕ Вештачката интелигенција наскоро ќе ја надмине целата човечка интелигенција

Технолошкиот милијардер смета дека развојот на вештачката интелигенција се забрзува со невидено темпо.

МАСК СО ШОКАНТНО ПРЕДВИДУВАЊЕ Вештачката интелигенција наскоро ќе ја надмине целата човечка интелигенција
Фото: Принтскрин

Технолошкиот милијардер Илон Маск излезе со една од своите најсмели прогнози досега за иднината на вештачката интелигенција. Тој смета дека развојот на оваа технологија ќе напредува со такво темпо што до 2031 година би можела да ја надмине вкупната човечка интелигенција. Во интервју со Зани Минтон Бедос од „Економист“, Маск изјави дека вештачката интелигенција во иднина би можела да извршува подобро од луѓето речиси сè што е можно, со еден исклучок, да биде човек.

Маск предупреди и дека човештвото би можело да ја изгуби контролата врз развојот на вештачката интелигенција во текот на следната деценија. Неговите ставови се надоврзуваат на претходните прогнози дека напредните модели наскоро би можеле да достигнат, па дури и да го надминат нивото на човечка интелигенција. Слични временски рамки во минатото споделуваа и други познати технолошки лидери, меѓу кои и Сем Алтман. Сепак, пошироките истражувања и анкети меѓу експертите укажуваат на подоцнежни рокови, со проценки дека вакво ниво на вештачка интелигенција би можело да биде достигнато околу 2047 година.

Скептиците, пак, предупредуваат дека Маск и во минатото имал прогнози кои не се оствариле во предвидените рокови. Тие сметаат дека неговите ставови треба да се земат со доза на претпазливост, иако признаваат дека последните достигнувања во областа на кодирањето, расудувањето и развојот на напредни модели се значајни.

Темата предизвика жестока дискусија и на социјалната мрежа X. Еден корисник ја доведе во прашање можноста вештачката интелигенција целосно да ги замени луѓето, оценувајќи дека технологијата се потпира на човечкото знаење и дека досегашните предвидувања за масовно исчезнување на работните места не се оствариле во очекуваниот обем. Тој, исто така, сугерираше дека Маск има финансиски интерес да дава оптимистички прогнози за иднината на вештачката интелигенција.

Друг корисник, пак, оцени дека предвидувањето на Маск е смело, но нагласи дека, без разлика дали ќе се оствари во следните пет или десет години, развојот на вештачката интелигенција веќе се одвива многу побрзо отколку што очекуваа многумина.

Прашањето кога и дали вештачката интелигенција ќе достигне или надмине човечко ниво на интелигенција останува едно од најголемите технолошки и општествени прашања на денешницата.

МАСК ОТКРИ НЕВЕРОЈАТЕН ПЛАН – Милион луѓе на Марс и компанија вредна 7,5 билиони долари

CATEGORIES
Share This