МАКЕДОНИЈА ВО ТРКА ЗА ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО Со Србија и Словенија атакува на EHF EURO 2034

Трите ракометни федерации официјално поднесоа заедничка кандидатура за организација на машкото Европско првенство во 2034 година.

МАКЕДОНИЈА ВО ТРКА ЗА ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО Со Србија и Словенија атакува на EHF EURO 2034
Фото: Принтскрин

Ракометните федерации на Македонија, Србија и Словенија официјално поднесоа заедничка кандидатура за организација на машкото Европско првенство во ракомет – EHF EURO 2034. Трите земји, кои имаат богата ракометна традиција и долгогодишно искуство во организација на големи спортски настани, ги здружија силите со амбиција заеднички да бидат домаќини на едно од најзначајните натпреварувања во европскиот ракомет.

Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов, ја оцени кандидатурата како значаен чекор напред за македонскиот ракомет.

„За мене претставува особена чест и задоволство што Ракометната федерација на Македонија, заедно со федерациите на Србија и Словенија, учествува во заедничката кандидатура за организација на машкото EHF EURO 2034. Верувам дека трите федерации, со своето искуство, капацитети и ракометна традиција, ги имаат сите предуслови да ги исполнат стандардите на Европската ракометна федерација и успешно да организираат првенство од највисоко ниво“, изјави Стефанов.

Тој истакна дека ракометот има посебно место во македонскиот спорт и дека кандидатурата претставува можност Македонија да направи нов исчекор на европската ракометна сцена.

„Македонија е ракометна земја. Ракометот со децении е длабоко вкоренет во нашата спортска традиција и историја, создавајќи генерации успешни ракометари и ракометарки. Со својата популарност и резултатите остварени на европско и светско ниво, слободно можам да кажам дека ракометот е спорт број еден во Македонија и дека тоа останува така“, додаде Стефанов.

Од трите федерации посочуваат дека се целосно подготвени да го спроведат процесот на кандидатурата во согласност со правилата и насоките на EHF. Во случај на добивање на организацијата, ќе бидат исполнети сите неопходни организациски, инфраструктурни и други услови за одржување на шампионатот на највисоко ниво.

За Македонија, Србија и Словенија, заедничката кандидатура претставува можност за уште поголема промоција на ракометот во регионот и заедничка организација на голем европски спортски настан во 2034 година.

РАКОМЕТНА РЕВОЛУЦИЈА – Три држави заедно во борба за заедничка лига

CATEGORIES
Share This