71 ФИЛМ, НАД 100 ГОСТИ И ОСУМ ДЕНА ФИЛМСКА МАГИЈА „МакеДокс“ го освојува Скопје
Од 20 до 27 август Куршумли ан, Сули ан, „Лабораториум“ и другите фестивалски локации ќе бидат во знакот на документарниот филм.

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ од 20 до 27 август ќе го одржи своето 17-то издание во Скопје, на повеќе локации – Куршумли ан, Музејот на Македонија, Сули ан, „Лабораториум“ и Албанскиот театар. Годинава фестивалот се одржува под мотото „Само сонот е стварност“, а организаторите најавуваат повеќе од 100 гости од странство.
Комплетната програма беше претставена на прес-конференција во Едукативниот културен центар „Лабораториум“, на која говореа извршниот директор Дарко Набаков, програмскиот координатор Петрула Вељановска и раководителката на индустриската програма Сара Ферро. „МакеДокс“ и оваа година акцентот го става не само на филмските проекции, туку и на средбите меѓу авторите и публиката, разговорите, размената на идеи и дополнителните содржини.
„Горди сме што низ годините „МакеДокс“ израсна во фестивал на кој не се доаѓа само за да се гледаат филмови, туку и за да се остане по филмот – да се разговара, да се запознаат авторите, да се разменат идеи и неколку дена вистински да се живее документарниот филм“, истакна Дарко Набаков.
Во рамките на фестивалот ќе бидат прикажани 71 филм, а публиката ќе има можност да ги проследи и македонските премиери на новите остварувања на Милчо Манчевски и Елена Чемерска. Фестивалската програма е поделена во шест категории: Главна програма, Нови автори, Земја во фокус – Шпанија, Кратки документарци, Студентска програма и Програма за деца и млади.
Фестивалот ќе додели пет награди – „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Награда за најдобри етички идеи. За наградите ќе одлучуваат 15 интернационални професионалци од светот на документарниот филм.
Земја во фокус годинава е Шпанија, со избор на современи документарни филмови кои се одликуваат со силен авторски печат, визуелна смелост и тематска разновидност. Програмата ќе биде дополнета со кратки документарци од Канарските Острови и експериментални краткометражни дела од Перу. Фестивалот ќе понуди и богата едукативна програма. Предвидени се мастеркласот „Сè што ги обликува документарците“ со Мигел Еек и Ксавиер Марадес, како и мастеркласот на Алесандро Стелино „Збогум филмски критичари, здраво навивачи“, посветен на исчезнувањето на една професија што никогаш не постоела.
Во „Лабораториум“ ќе се одржи и панел-дискусијата „Филмска критика во ера на алгоритми?“, на која ќе учествуваат филмските критичари Марина Костова, Марина Д. Рихтер, Алфонсо Ривера и Муртада Елфадл. Модератор ќе биде Кристин Камдесу, управна и уметничка директорка на ФИПАДОК. Од 22 до 25 август ќе се одржи и интензивна работилница за монтажа под менторство на реномираните монтажери Касија Боњецка и Пер К. Киркегард. Фокусот ќе биде ставен на почетокот на филмот и начинот на кој почетната секвенца може да влијае врз неговата драматуршка структура.
Од 25 до 27 август ќе се одржи осмото издание на МакеКоПроДокс форумот, платформа посветена на развојот на копродукцијата во областа на креативниот документарен филм на Балканот. Форумот ќе ги собере директорите на националните филмски центри од регионот, меѓународни филмски професионалци и тимовите на осум избрани документарни проекти во развој.
На програмата се пичинг на проекти, средби меѓу продуценти, доделување награди, јавна панел-дискусија со директорите на регионалните филмски центри, како и разговор за француско-балканските копродукции и дистрибуцијата на балканските документарци.
„МакеКоПроДокс форумот продолжува да се развива како важна регионална точка за размена на знаења, создавање партнерства и отворање нови можности за соработка, финансирање и меѓународна видливост на регионалниот документарен филм“, рече Сара Ферро.
Во соработка со Словенечкиот филмски центар ќе биде претставен и избор од современата словенечка документарна сцена, како и проектот „Документарница“. Попладневната програма ќе се одвива преку „Муабети под смоквата“ во Куршумли ан, додека по вечерните филмски проекции ќе следува концертната програма „Ноќни приказни“.
„МакеДокс“ ќе биде отворен на 20 август во Куршумли ан, со проекција на краткиот филм „Цвеќињата стојат молкум, сведочат“ на Тео Панагопулос и долгометражниот документарец „Кон запад, во Запата“ на Дејвид Бим. Мотото „Само сонот е стварност“ е инспирирано од наслов на песна на Тин Ујевиќ, но и од книгата на македонската филмологинка и филмска критичарка Илинденка Петрушева.
„За нас „Само сонот е стварност“ не е само мото. Тоа е нешто што тивко го носиме во себе, нешто што нè турка напред кога стварноста станува претесна“, истакна Петрула Вељановска, нагласувајќи ја и посветата на Илинденка Петрушева, која остави силен печат врз генерации филмаџии и љубители на филмот. Загревањето за 17-тото издание на „МакеДокс“ започнува уште на 14 август во „Котур“, со почеток во 20 часот, каде за музичката атмосфера ќе се погрижи Марко Кочишки (M.I.K).
Комплетната фестивалска програма е достапна на официјалниот сајт на „МакеДокс“.

