ЛЕТОТ ОТКАЖАН ПОРАДИ ЕДНО ДЕТЕ Одбивало да седне и да се врзе, патниците останаа заглавени

Авионот морал да се врати на гејтот, а поради доцнењето не успеал да полета пред затворањето на пистата.

ЛЕТОТ ОТКАЖАН ПОРАДИ ЕДНО ДЕТЕ Одбивало да седне и да се врзе, патниците останаа заглавени
Фото: Принтскрин

Лет на канадската авиокомпанија „Портер ерлајнс“ од Викторија до Торонто бил откажан откако мало дете одбивало да седне на своето место и да го стави сигурносниот појас. Авионот веќе го напуштил терминалот на меѓународниот аеродром во Викторија, Британска Колумбија, и се движел кон пистата кога екипажот забележал дека детето не може да биде безбедно сместено на седиштето.

Според авиокомпанијата, родителот и членовите на кабинскиот екипаж неколкупати се обиделе да го наместат детето на седиштето и да го врзат со појас, но безуспешно. Поради тоа, авионот морал да се врати до излезот за родителот и детето да го напуштат леталото, заедно со нивниот багаж. Потоа морале да слезат и останатите патници додека повторно се подготвувале плановите за летот и потребната документација.

Меѓутоа, доцнењето било доволно за летот да не може да продолжи. Пистата се затворала во 00:30 часот, па авионот повеќе не можел да полета кон Торонто. Патниците затоа биле принудени да ја поминат ноќта во Британска Колумбија. Од „Портер ерлајнс“ соопштиле дека детето „стоело на своето седиште“, што создало небезбедни услови за полетување. Не е соопштено колку години имало детето, ниту колку патници имало во авионот, кој располага со 132 седишта.

Авиокомпанијата им се извинила на патниците и потврдила дека следниот ден биле префрлени на друг лет. Патниците за канадскиот CBC раскажале дека по откажувањето владеела „голема фрустрација“. Арије Кожуч изјавил дека детето не било разгалено или непријатно, туку дека било исплашено.

„Постојано се криеше под седиштето. Кога ќе се обидоа да го натераат да седне и да го врзат, едноставно ќе се лизнеше под ременот“, раскажал тој.

Друг патник, Хилари Херцберг, оценил дека симнувањето на родителот и детето траело предолго и ја критикувал авиокомпанијата поради начинот на кој комуницирала со патниците по откажувањето. Дел од патниците морале во последен момент да бараат сместување во околните хотели, а сега бараат од авиокомпанијата да им ги надомести дополнителните трошоци.

CATEGORIES
Share This