МАКЕДОНИЈА ОСТАНА БЕЗ 60 МИЛИОНИ ЕВРА Пропадна европскиот грант за Коридорот 8
Средствата од ИПА-програмата се изгубени бидејќи навреме не бил склучен договор со изведувач, а Владата сега бара начин проектот да продолжи со европски заеми.

Македонија остана без европски грант од околу 60 милиони евра, наменет за изградбата на третата делница од железничкиот Коридор 8 кон Бугарија. Средствата од ИПА-програмата на Европската Унија се изгубени бидејќи навреме не бил склучен договор со изведувач за реализација на градежните работи.
Станува збор за последната делница од пругата што треба да ја поврзе Македонија со бугарската граница. Иако европскиот грант е загубен, Владата бара алтернативен начин за продолжување на проектот преку веќе обезбедените заеми од европските финансиски институции.
Од Владата уверуваат дека не станува збор за ново задолжување, туку за промена на начинот на реализација на проектот. До Собранието се доставени предлози за измени на законите поврзани со заемите од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската инвестициска банка (ЕИБ), во вредност од по 175 милиони евра.
Со предложените измени, главната одговорност за реализацијата на проектот треба да ја преземе ЈП „Железници на Република Македонија“. Компанијата ќе биде задолжена за спроведување на тендерските постапки, избор на изведувачи и склучување на договорите за изградба.
Новиот тендер ќе се однесува на изградбата на делницата од Крива Паланка до западниот портал на прекуграничниот железнички тунел со Бугарија.
Уште во 2023 година, Министерството за финансии информираше дека за завршување на оваа делница се обезбедени околу 560 милиони евра од повеќе извори. Финансирањето е предвидено преку Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, европски грантови преку ВБИФ и ИПА-програмата.
Во меѓувреме, Македонија и Бугарија повторно ги интензивираат разговорите за изградбата на прекуграничниот железнички тунел, кој треба да биде клучната врска меѓу двете држави.
Во Софија минатата недела се одржа првиот состанок на заедничката работна група за изградба на тунелот, со цел да се придвижи проектот кој со години е најавуван како стратешка железничка врска меѓу Македонија и Бугарија.
„Овој проект треба конечно да ја поврзе Македонија со Бугарија по железница. Со изградбата на тунелот ќе се овозможи побрз транспорт на патници и стока, што ќе отвори нови можности за трговија и економска соработка“, изјави заменик-министерката за транспорт Калтрина Зеколи-Шаќири.

