ЛИЧНАТА КАРТА ВО ТЕЛЕФОН„м. Услуги“ стартува на 28 октомври
Бесплатната апликација ќе ја носи личната карта и возачката дозвола во мобилниот, а нејзиното користење нема да биде задолжително.

Мобилната апликација „м. Услуги“, преку која граѓаните ќе можат да ги имаат личната карта и возачката дозвола во електронска форма на својот мобилен телефон, официјално ќе биде промовирана на 28 октомври.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во гостување на дневникот на Македонската телевизија истакна дека апликацијата е бесплатна и безбедна, но нејзиното користење нема да биде задолжително.
„Ова е првиот чекор кон дигитален паричник. Бесплатна е за користење и за симнување. Не е задолжителна, не мора секој да ја симне, но ќе нуди низа погодности“, изјави Андоновски.
Според министерот, апликацијата е во финална фаза на тестирање и наскоро ќе биде достапна за преземање преку платформите Google Play и Apple App Store.
Андоновски појасни дека по едноставно внесување на личните податоци, информациите ќе се преземаат од системот Услуги.мк, додека со внесување на бројот на личната карта ќе се овозможи нејзино електронско прикажување во апликацијата.
„Целосно безбедна апликација“, нагласи министерот.
„Роаминг како дома“ со ЕУ
Андоновски се осврна и на најавите за воведување на принципот „роаминг како дома“ со земјите од Европската Унија.
Тој информира дека предлог-текстот на договорот веќе е доставен до домашните институции за мислење, со што официјално започнува процесот на разгледување и преговори.
„Го добивме предлог-текстот на договорот пред неколку дена. Веќе го споделивме со колегите од неколку министерства да дадат свое мислење и од овој момент официјално почнуваат преговорите по основ на текстот“, рече Андоновски.
Тој очекува забелешките од македонска страна да бидат подготвени по добивањето на мислењата од институциите, а потоа да започнат разговорите со Европската комисија.
Според најавите на министерот, процесот треба да се интензивира во текот на есента, а договорот за „роаминг како дома“ со ЕУ се очекува да биде заокружен на почетокот на 2027 година.

