НЕМА ДА ИМА ДРУГО ВЕТО Мицкоски бара гаранција пред уставните измени
Премиерот вели дека Владата не се откажува од европскиот пат, но бара гаранции за да не следуваат нови условувања. од Бугарија

Ставот на Владата за уставните измени останува непроменет, но Македонија очекува гаранција дека по исполнувањето на условот нема да следува ново бугарско вето, порача премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во телевизиско интервју.
„Нашиот став како Влада за уставните измени е непроменет, не затоа што сме тврдоглави, туку затоа што ние сме направиле доволно за европскиот пат. Единствено што во овој момент очекуваме е одредена гаранција која треба да ја добијат граѓаните, а не јас како политичар, дека нема да има друго вето“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека Владата постојано нуди решенија, но оти од бугарска страна, според него, нема доволно подготвеност за разговор за можните механизми.
Мицкоски оцени дека Македонија се наоѓа во „чудна ситуација“, бидејќи од една страна се упатува на разговор со Брисел, а од друга страна се отфрла можноста решението да се бара директно со Европската Унија.
„Ние велиме во ред, тогаш оставете нè со Брисел да се договориме. И кога тоа им го велиме, велат: не, не треба со Брисел, треба со нас да се договорите“, рече тој.
Премиерот нагласи дека Владата нема да се откаже од барањето решение да се најде преку дијалог.
„Ќе продолжиме да бараме решение затоа што никогаш нема да влезам во авантура во која јасно нема да го видам крајот. Сега не само што не го гледам јасно крајот, туку напротив, тој станува сè помагловит“, порача Мицкоски.
Според него, за Владата не е проблем самото внесување на Бугарите во Уставот, туку можноста тоа да биде проследено со нови условувања во текот на преговорите за членство во ЕУ.
„За нас не претставува проблем да се вметнат Бугарите во Уставот, туку проблем претставува условувањето понатаму во патот на преговарањето за пристапување кон ЕУ“, истакна премиерот.
Како можно решение, Мицкоски потсети на предлогот за одложено дејство на уставните измени, односно тие да станат ефективни по завршувањето на преговарачкиот процес.
„Тоа очигледно некој не го прифаќа и со тоа испраќа јасна порака дека ова нема да биде единствено барање“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата никогаш не тврдела дека условот за уставните измени не постои.
Според Мицкоски, претходната влада на СДСМ и ДУИ прифатила уставните измени да бидат дел од процесот на пристапување кон ЕУ, но актуелната Влада се обидува да најде начин процесот да продолжи без дополнително нарушување на достоинството на државата.
Во однос на Европската комисија, Мицкоски повика на нејзино поактивно вклучување во процесот.
„Ајде да се вклучи малку поробусно Европската комисија или Европската Унија за да можеме сите да разговараме“, порача тој.
Премиерот го оцени како охрабрувачки и документот на Европската комисија за постепена интеграција, но нагласи дека тој треба да биде усвоен од Европскиот совет.
Мицкоски во интервјуто се осврна и на неодамнешната средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која ја оцени како содржајна и пријателска.
„Јас сум задоволен од самиот разговор, но не сум задоволен од динамиката на процесот“, рече Мицкоски.
Тој додава дека целта на Владата останува да најде начин процесот на европска интеграција да се придвижи напред.

