ПАТРИЈАРХОТ КИРИЛ СО ИСТОРИСКА ПОРАКА ДО МПЦ-ОА За првпат сте тука како претставници на автокефална црква
„Ние сме Словени, припаѓаме на кирилометодиевската традиција и си ги разбираме јазиците“, порача поглаварот на Руската православна црква на средбата со македонската црковна делегација во Москва.

Духовната блискост, словенските корени и историските врски меѓу Македонската и Руската православна црква беа во фокусот на средбата на рускиот патријарх Кирил со македонската црковна делегација во Москва. На средбата во резиденцијата на Даниловиот манастир, патријархот Кирил ја истакнал блискоста меѓу двете цркви и задоволството што македонските претставници за првпат присуствуваат како делегати на автокефалната Македонска православна црква – Охридска архиепископија.
„Многу нешта нè поврзуваат. Поради тоа што сме Словени, припаѓаме на кирилометодиевската традиција и меѓусебно си ги разбираме јазиците. Многу сум радосен што сега имаме можност заедно да се молиме и да служиме богослужби“, истакнал Кирил.
Тој нагласил дека средбата има посебно значење бидејќи македонската делегација за првпат доаѓа како претставник на помесна црква со признаена автокефалност.
Македонската црковна делегација, составена од дебарско-кичевскиот митрополит г. Георгиј и епископот хераклејски г. Климент, се заблагодарила за поддршката на Московската патријаршија во решавањето на црковниот статус на МПЦ-ОА, како и за одлуката на Српската православна црква за доделување автокефалност.
Посебен повод за средбата бил и 80-тиот роденден на патријархот Кирил, поради што делегацијата му ја пренела срдечната честитка од архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Во честитката се истакнуваат неговото духовно служење, просветителската мисија и татковската грижа на чело на Руската православна црква.
Односите меѓу Московската патријаршија и Македонската православна црква продолжуваат да се развиваат. Македонски студенти веќе се образуваат во институциите на Руската православна црква, а се разгледуваат и можности за реализација на дополнителни заеднички проекти.
Средбата во Москва претставува уште еден значаен чекор во развојот на духовните и црковните врски меѓу двете православни цркви.

