ЛА ЛИГА ВЛЕГУВА ВО ФУДБАЛСКИ ХАОС Три кола за само 10 дена
Шпанските клубови ги очекува пеколен ритам, а некои ќе имаат помалку од 65 часа за одмор меѓу два натпревари.

Шпанската Ла Лига влегува во исклучително густ период, во кој во само десет дена ќе се одиграат натпреварите од петтото, шестото и седмото коло.
Од вчера, па сè до 20 септември, екипите ќе имаат минимален простор за одмор меѓу натпреварите, а ваквиот распоред е последица на промените во меѓународниот календар.
Ла Лига однапред го ослободи периодот од крајот на септември до почетокот на октомври за репрезентативните натпревари, поради што трите кола мора да бидат распоредени во првите три недели од септември.
Најголем предизвик ќе биде згуснатиот распоред за дел од тимовите. Малага, на пример, во четврток од 21:30 часот ќе игра против Виљареал, а веќе во недела од 14 часот ќе гостува кај Хетафе. Тоа значи дека меѓу двата натпревари ќе има само 64,5 часа.
Хетафе, пак, ќе има околу 67 часа помеѓу дуелите со Бетис и Малага.
Густата програма предизвикува и незадоволство кај навивачите, особено поради фактот што дел од најатрактивните натпревари се закажани во работни денови и во доцните вечерни термини.
Реал Мадрид ќе игра против Елче во вторник од 21:30 часот, Барселона во среда во истиот термин ќе го пречека Расинг, додека Атлетико Мадрид во среда од 19 часот ќе се соочи со Осасуна.
Слични згуснати периоди имало и во минатото, но ваков фудбалски маратон со три кола во само десет дена е вистинска реткост. Последен пат три кола во толку краток период биле одиграни во сезоната 2014/15.

