КУБА ГО РУШИ СТАРОТО ПРАВИЛО Приватниот сектор влегува таму каде што 60 години немаше место

Владата во Хавана предлага 175 мерки со кои приватните компании би добиле поголема улога во економијата, а државните фирми би претрпеле големи промени.

КУБА ГО РУШИ СТАРОТО ПРАВИЛО Приватниот сектор влегува таму каде што 60 години немаше место
Фото: Принтскрин

Кубанската влада подготви пакет од 175 економски мерки со кои планира длабока трансформација на досегашниот социјалистички економски модел. Премиерот Мануел Мареро Круз пред пратениците го претстави планот кој, доколку биде усвоен, би можел да претставува најголема економска промена во земјата од револуцијата на Фидел Кастро во 1959 година.

Реформите предвидуваат отворање на повеќе сектори за приватни компании, вклучително и градежништвото, како и преструктуирање на државните претпријатија во акционерски друштва. Владата предлага и дозволување на поголемо учество на приватниот капитал во банкарскиот сектор, кој досега беше речиси целосно под државна контрола.

Планот вклучува и намалување на административните бариери за приватниците и претприемачите, со цел поттикнување на производството и економската активност.

Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел оцени дека промените се неопходни поради сериозниот економски притисок врз земјата, особено поради засилените американски санкции.

„Мораме да го ослободиме производството, да имаме повеќе производство и помалку ограничувања“, порача Дијаз-Канел пред партиското раководство.

Предлог-мерките допрва треба да бидат разгледани и изгласани во Националното собрание, кое во еднопартискиот систем на Куба традиционално ги поддржува владините иницијативи.

Поддршка за реформите даде и поранешниот лидер Раул Кастро, кој во писмо до Политбирото ги оцени како неопходни и повика на нивна побрза примена.

Економската криза во Куба во последниот период се продлабочи поради санкциите, падот на туризмот, недостигот на гориво, честите прекини на електричната енергија, високата инфлација и проблемите со снабдувањето со вода и лекови. Владата сега се обидува преку поголемо отворање кон приватниот сектор да ја стабилизира економијата и да го зголеми производството.

НЕОЧЕКУВАН ПРЕСВРТ Куба ги отвора вратите за приватници и странци, почнува економска револуција

CATEGORIES
Share This