КОГА ДОЈДЕ МАКСИМ ДА ВЕ ДИСЦИПЛИНИРА Ништо од Вреди повторно – молк
За ново дно за Вреди: Дури и Максим дојде да ги дисциплинира

Демократската унија за интеграција (ДУИ) остро ја критикува коалицијата Вреди, обвинувајќи ја за политичка немоќ и сервилност, откако лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, јавно го критикуваше претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Од ДУИ велат дека фактот што Димитриевски си дозволува јавно да им упатува критики на највисоките претставници на Вреди покажува колку, според нив, е ослабена нивната политичка позиција во Владата.
„Кога дури и Максим Димитриевски се осмелува јавно да ги дисциплинира највисоките претставници на Вреди, тогаш проблемот повеќе не е кај Димитриевски. Проблемот е во немоќта и потчинетоста на Вреди“, велат од ДУИ.
Од партијата потсетуваат и на спорот околу употребата на албанското национално знаме на официјални средби, тврдејќи дека токму Димитриевски бил меѓу политичарите кои ја наметнале, како што велат, практиката албанските претставници да не го користат знамето.
ДУИ оценува дека претставниците на Вреди денес не покажуваат доволно решителност во заштитата на правата што, според нив, биле институционализирани во претходните мандати.
„Тоа е разликата меѓу оние што освојуваат права и оние што тивко ги предаваат“, наведуваат од ДУИ.
Посебна критика е упатена кон претседателот на Собранието, Африм Гаши, кого ДУИ го обвинува дека не реагирал на јавните критики од Димитриевски.
Од партијата го критикуваат Гаши и за неговиот однос кон прашањата поврзани со Охридскиот рамковен договор, како и за неговите ставови околу случајот со Иван Стоилковиќ и објавувањето на видео-снимките.
ДУИ смета дека на Албанците не им се потребни политички претставници кои, како што велат, молчат кога се доведуваат во прашање националното и институционалното достоинство.
„Потребни им се претставници кои ги бранат стекнатите права, кои зборуваат кога се загрозува еднаквоста и кои не го заменуваат достоинството за фотелја“, порачаа од ДУИ.
Од партијата заклучуваат дека е време да престане, како што ја нарекуваат, „политиката на сервилност“.
„Албанците и сите граѓани на оваа држава заслужуваат претставници со достоинство, со храброст и со глас. Молкот на Вреди не е мудрост. Тој е предавање“, стои во соопштението на ДУИ.

