КОЈ ГО УНИШТУВА ЕДИНСТВОТО НА ИРАН Се бара оставка од Пезешкијан, се споменува Моџтаба Хамнеи – Кабинетот жестоко демантира

На социјалните мрежи се прошири тврдење дека Хамнеи наводно би ја прифатил оставката на иранскиот претседател.

КОЈ ГО УНИШТУВА ЕДИНСТВОТО НА ИРАН Се бара оставка од Пезешкијан, се споменува Моџтаба Хамнеи – Кабинетот жестоко демантира
Фото: Принтскрин

Канцеларијата на врховниот водач на Исламската револуција ги отфрли како целосно неосновани тврдењата што во последните денови се шират на социјалните мрежи за наводната реакција на ајатолахот Моџтаба Хамнеи на писмо испратено од иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.

Одделот за односи со јавноста на Канцеларијата на врховниот водач соопшти дека на социјалните мрежи се појавиле бројни „цитати“ кои му се припишуваат на Хамнеи, а кои, според нив, предизвикале вознемиреност и поттикнале поделби во иранското општество. Информацијата ја пренесе иранската новинска агенција Мехр.

Од Канцеларијата нагласуваат дека единствени релевантни извори за пораки, вести и официјални изјави од ајатолахот Моџтаба Хамнеи се официјалната веб-страница на Канцеларијата на врховниот водач и веб-страницата задолжена за зачувување и објавување на неговите дела.

Сите содржини што се објавуваат надвор од овие канали, како што е наведено во соопштението, „немаат автентичност или кредибилитет“.

Воедно, Канцеларијата потсетува дека во својата неодамнешна порака врховниот лидер ја нагласил потребата од зачувување на „светото единство и хармонија“ меѓу граѓаните, како и почитување на државните функционери и вработените во Исламската Република, особено кон актуелната администрација.

Оттаму предупредуваат дека содржини кои поттикнуваат поделби, шират лажни обвинувања или се спротивни на овие пораки, според нив, можат да им одат во прилог на „злонамерниците и заколнатите непријатели на иранскиот народ“.

Демантот следува по видеообјава на свештеникот Мохамад Багер Харази, која се прошири на социјалните мрежи. Тој тврдел дека ајатолахот Моџтаба Хамнеи официјално и јавно кажал дека доколку претседателот Масуд Пезешкијан повторно поднесе оставка, таа ќе биде прифатена.

Канцеларијата на врховниот водач категорично ги отфрли овие тврдења, оценувајќи ја спорната објава како целосно лажна и спротивна на фактите.

Случајот повторно го отвори прашањето за политичките тензии во Иран и за тоа колку непроверени информации на социјалните мрежи можат да влијаат врз односите меѓу највисоките државни институции во земјата.

CATEGORIES
Share This