ИЗРАЕЛСКИОТ МИНИСТЕР БЕН ГВИР ВЛЕЗЕ ВО АЛ АКСА И ИЗЈАВИ – Се чувствувам како сопственик

Доселеници изведуваа молитви во дворот на светото место

ИЗРАЕЛСКИОТ МИНИСТЕР БЕН ГВИР ВЛЕЗЕ ВО АЛ АКСА И ИЗЈАВИ – Се чувствувам како сопственик
Фото: Принтскрин

Израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, утрово влезе во комплексот на џамијата Ал-Акса во Ерусалим, придружуван од голем број израелски полицајци и група доселеници, јавува палестинската агенција WAFA.

За време на посетата, дел од доселениците изведувале верски обреди во дворот на комплексот, што палестинските власти го оценуваат како провокација и обид за промена на статус-квото на едно од најсветите места во регионот. Бен-Гвир изјавил дека се залага за поголеми права и пристап за еврејските верници на локацијата.

„Денес се чувствувам како сопственик тука. Има уште многу што треба да се направи“, изјавил тој во видео снимка од местото.

Тој додава дека врши притисок врз премиерот Бенјамин Нетанјаху за проширување на правата за молитва на еврејските посетители.

Неговиот портпарол подоцна појаснил дека министерот ја поддржува идејата за проширен пристап и дека и самиот се молел за време на посетата.

Од кабинетот на израелскиот премиер засега нема официјален коментар, додека претходни слични посети биле проследени со тврдења дека не се менува постојниот статус-кво договор за локацијата.

Јорданското Министерство за надворешни работи остро ја осуди посетата, оценувајќи ја како провокација и прекршување на договорениот статус-кво. Палестинските власти предупредија дека ваквите инциденти дополнително ги зголемуваат тензиите околу светиот комплекс, кој е под јорданска верска управа и каде на Евреите им е дозволено да посетуваат, но не и да се молат.

CATEGORIES
Share This