12 СМЕТКИ, 265.000 ДОЛАРИ И ТОЧНО ПОГОДЕНИ ПЕТ ИМИЊА Скандал ја тресе „Златната топка“
Дури 12 сметки на платформата „Полимаркет“ наводно уплатиле речиси 265.000 долари, а редоследот на петте најдобри фудбалери бил точно погоден пред церемонијата.

Сериозни сомнежи за протекување доверливи информации и можно местење облози ја потресуваат престижната фудбалска награда „Златна топка“, откако се појавија информации за сомнителни уплати на обложувалничката платформа „Полимаркет“ непосредно пред прогласувањето на победникот.
Групацијата „Амаури“, сопственик на весникот „Лекип“ и магазинот „Франс фудбал“, кој ја доделува наградата, соопшти дека планира да преземе правни мерки поради наводите за протекување информации и потенцијално лажно обложување поврзано со победата на Хари Кејн.
„Интегритетот на Златната топка е апсолутен приоритет“, се наведува во соопштението на групацијата испратено до Франс прес (АФП).
Од „Амаури“ додаваат дека многу сериозно ги сфаќаат наводите и дека веќе се вршат проверки за да се утврдат фактите и евентуалната одговорност.
Сомнежите ги отвори финансискиот новински портал „Апсајд“, кој објави дека неколку потенцијално сомнителни облози биле поставени на платформата „Полимаркет“, која нема лиценца за работа во Франција.
Според објавените информации, само неколку дена пред свечената церемонија во Лондон биле уплатени речиси 265.000 долари преку 12 различни сметки, за кои постои сомнеж дека можеби се контролирани од исто лице.
Она што дополнително ги засили сомнежите е фактот што редоследот на првите пет кандидати за наградата бил точно предвиден. На првото место бил Хари Кејн, по него Килијан Мбапе, Ламин Јамал, Родри и Лионел Меси.
Информациите предизвикаа сериозни прашања за тоа дали некој имал пристап до доверливи информации пред официјалното објавување на резултатите и дали тие биле искористени за остварување профит преку обложување. Од групацијата „Амаури“ засега не посочуваат кој би можел да биде вмешан, ниту дали е утврдено дека навистина дошло до протекување на резултатите.
„Во тек се проверки за да се утврдат фактите и да се утврди кој би можел да биде одговорен“, соопштија од групацијата.
Доколку сомнежите се потврдат, случајот би можел да прерасне во сериозен скандал за една од најпрестижните индивидуални награди во светскиот фудбал.

