СО АВИОНИ ДОЈДОА ДА ГЛАСААТ ВО БРВЕНИЦА Дијаспората се врати, Јахији им се заблагодари за победата

Фотографии од полни авиони беа објавени на социјалните мрежи по предвремените локални избори во Брвеница.

СО АВИОНИ ДОЈДОА ДА ГЛАСААТ ВО БРВЕНИЦА Дијаспората се врати, Јахији им се заблагодари за победата
Фото: Принтскрин

Поддржувачи на ДУИ преку фотографии објавени на социјалните мрежи потврдија дека припадници на албанската дијаспора со авиони пристигнувале во земјава за да гласаат на предвремените локални избори во Брвеница.

Неколку дена пред изборите, на Фејсбук страницата „Shoqata për f. Çellopek – Zvicër“ беше објавен повик до дијаспората масовно да се мобилизира и да учествува во гласањето.

„Самите да ја дефинираме сопствената судбина, а не другите“, беше порачано во повикот, во кој гласањето беше претставено како национална, верска и човечка обврска.

По изборите, на истата страница беа објавени фотографии од полни авиони со кои, според објавата, припадниците на дијаспората се враќале по гласањето во Брвеница.

„За родното место нема замор, постои само љубов“, се наведува во пораката, со честитки до жителите за покажаното единство и масовното учество во изборниот процес.

Благодарност до дијаспората упати и новоизбраниот градоначалник Аркин Јахији од Националната алијанса за интеграција, предводена од ДУИ.

„Ѝ благодарам на нашата драга дијаспора, која не штедеше ништо. Бог нека ве награди. Ние ќе бидеме вашиот глас во татковината“, изјави Јахији по објавувањето на резултатите.

Според податоците на Државната изборна комисија, Јахији освоил 4.442 гласа, додека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ добил 4.177 гласа. Разликата меѓу двајцата кандидати изнесува 265 гласа.

CATEGORIES
Share This