ИРАН ИСПРАТИ ЖЕСТОКА ПОРАКА ДО ВАШИНГТОН Американските закани не значат ништо за нас
Калибаф порача дека Иран не ги сфаќа сериозно заканите од Вашингтон и дека вооружените сили се подготвени за реакција.

Претседателот на иранскиот парламент и шеф на преговарачкиот тим на Техеран, Мохамед Багер Калибаф, возврати на најновите пораки од американскиот претседател Доналд Трамп, порачајќи дека Иран не се плаши од закани и дека вооружените сили се подготвени за одговор.
„Не мислат ли дека, доколку нивните закани имаа ефект, денес немаше да бидат во толку очајна ситуација? Ние американските закани не ги сметаме за ништо“, напиша Калибаф на платформата „X“.
Тој предупреди дека Вашингтон треба внимателно да ги избира своите изјави и порача дека Иран има подготвен одговор.
Реакцијата на Техеран следува откако Трамп изјави дека САД повторно би можеле „силно да го нападнат Иран“ доколку земјата не преземе мерки против либанското движење Хезболах.
Во меѓувреме, заврши првата рунда разговори меѓу Иран и САД, одржана со посредство на Пакистан и Катар во швајцарското одморалиште Бургеншток. Средбата траеше околу 80 минути.
Преговорите се дел од договорениот 60-дневен период според меморандумот за разбирање од 14 точки, кој предвидува двете страни да се воздржат од закани и употреба на сила.


