ИНДУСТРИЈАТА ЗА КОЦКАЊЕ ПРЕДУПРЕДУВА Одалечувањето на коцкарниците од школите носи загуба од 1 милијарда евра и гаснење на 800 уплатни места
Се предупредува дека новите законски измени може да предизвикаат финансиски шок без преседан.

Планираните законски измени во областа на игрите на среќа, според засегнатите легални приредувачи, може сериозно да ги загрозат стекнатите права врз основа на веќе издадени лиценци. Се предупредува дека ваквите промени би можеле да предизвикаат значителни економски последици, вклучително и потенцијални повеќемилионски, па дури и милијарди евра загуби за државниот буџет.
Според овие проценки, стапувањето во сила на предложените измени би можело да доведе до затворање на околу 800 уплатни места, губење на приближно 10.000 работни места и сериозно нарушување на пазарната стабилност. Дополнително, се очекува намалување на јавните приходи од даноци, надоместоци и придонеси кои ги уплаќаат легалните оператори.
Контроверзноста се однесува на новите правила за оддалеченост и користење на GPS-локација, кои би можеле да наметнат затворање или преместување на веќе постоечки објекти. Иако во предлог-законот се предвидува претходно издадените лиценци да останат важечки до нивниот истек, постои дилема околу нивната практична примена на постојните локации.
Правните експерти укажуваат дека ваквите интервенции би можеле да отворат прашање за евентуални отштетни барања, особено имајќи ги предвид вложувањата во закупнини, опрема, системи, гаранции и други трошоци. Во тој контекст, се нагласува ризикот државата да се соочи со значителни финансиски обврски.
Дополнително, се истакнува дека ваквите промени би можеле да доведат до затворање на легални објекти, што потенцијално би ја поттикнало сивата економија и би го намалило приливот во државниот буџет. Исто така, се посочува дека празнењето на деловните простори под закуп би можело негативно да се одрази и врз пазарот на недвижности.
Се повикува и на праксата на Уставниот суд, според која државата треба да обезбеди правна сигурност и предвидливост во однос на веќе воспоставени правни односи, без ретроактивно влошување на положбата на субјектите.
Според споредбите со законодавната практика во регионот и европските правни стандарди, се нагласува принципот на заштита на легитимните очекувања, според кој новите регулативи не треба да ги нарушуваат веќе стекнатите права од важечки лиценци до нивниот истек.
500 МЕТРИ ОД УЧИЛИШТА Нов закон што целосно го менува коцкарскиот бизнис во Македонија


