РУДНИК САСА ОДБЕЛЕЖА 20 ГОДИНИ Потег што ги изненади училиштата и институциите

Спортска опрема за младинските клубови и поддршка за локалниот спорт

РУДНИК САСА ОДБЕЛЕЖА 20 ГОДИНИ Потег што ги изненади училиштата и институциите
Фото: Принтскрин

Со серија активности и донации насочени кон поддршка на локалната заедница, Рудник Саса денеска (12 јуни 2026 година) одбележува значаен јубилеј – 20 години од рестартирањето на рудникот.

По тој повод, компанијата реализира низа иницијативи кои уште еднаш ја потврдуваат нејзината долгорочна посветеност кон развојот, благосостојбата и напредокот на средината во која работи.

Во рамки на одбележувањето ќе бидат засадени 20 нови дрвја во паркот „Младост“ во Македонска Каменица, кој претходно е изграден со поддршка на Рудник Саса. За потребите на Територијалната противпожарна единица во градот е дониран дрон со соодветна обука за негова употреба, со што се овозможува поефикасно и порано откривање на шумски пожари и пожари на тешко пристапни терени.

Дополнително, обезбедени се спортски дресови и шорцеви за младинските категории на трите локални спортски клубови, како и нови изданија на книги за локалната библиотека. Донирани се и метални рафтови за Дневниот центар за лица со попреченост, шкафови за КУД „Вера Јоциќ“, како и компјутери за средното училиште во Македонска Каменица. Воедно, најавени се и дополнителни донации за детската градинка и основното училиште, согласно нивните потреби.

„Овој јубилеј не е само можност да се потсетиме на едно важно поглавје од историјата на Рудник Саса, туку и да им се заблагодариме на луѓето и заедницата кои се дел од нашата приказна. Рудникот и локалната заедница отсекогаш биле тесно поврзани и заедно ги споделувале и предизвиците и успесите. Преку конкретни активности и поддршка сакаме да покажеме дека нашата посветеност останува силна и долгорочна. Горди сме на постигнатото во изминатите две децении и остануваме фокусирани на безбедно, одговорно и одржливо работење, во интерес на вработените, нивните семејства и целата заедница“, изјави Џејмс Караматич, генерален директор на Рудник Саса.

CATEGORIES
Share This