ХАОС ВО МОСКВА ПРЕД 9 МАЈ – Напад со дронови ја потресе руската престолнина
Нападот се случи само 24 часа пред традиционалната Парада на победата, додека Кремљ воведува засилени безбедносни мерки.

Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин тврди дека украинската војска лансирала десетици дронови кон Москва во текот на ноќта меѓу 7 и 8 мај, само еден ден пред традиционалната руска Парада на победата.
Според Собјанин, првите три дронови биле соборени веднаш по полноќ при приближување кон руската престолнина, а вкупно 26 беспилотни летала биле неутрализирани во текот на ноќта. Поради нападите, привремено биле воведени ограничувања на летовите на аеродромите Внуково и Домодедово.
Засега нема официјални информации за евентуална штета или жртви, а службите за итни случаи работат на локациите каде што паднале остатоците од дроновите.
Нападот доаѓа непосредно пред 9 Мај – Денот на победата, кога Русија традиционално организира голема воена парада во Москва по повод победата над нацистичка Германија во Втората светска војна. Последните години, овој настан Кремљ го користи и како симбол на воена моќ и поддршка за војната во Украина.
Оваа година, прославата ќе биде значително поскромна. Руски власти најавија дека нема да има приказ на тешка воена техника, што претставува големо отстапување од досегашната традиција. Наместо тоа, во програмата ќе учествуваат пешадиски единици од воените академии и воздушни формации.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека безбедноста на парадата на 9 мај „зависи“ од украинската армија, што дополнително ги засили тензиите меѓу двете земји.
Како реакција, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека Москва ги предупредила странските дипломатски мисии за можни безбедносни ризици.
Во меѓувреме, и покрај најавите за прекин на огнот од руска страна за 8 и 9 мај, Киев тврди дека примирјето било прекршено повеќе од 1.800 пати само неколку часа по неговото стапување во сила.
