ГУЖВИ НА ГРАНИЦИТЕ На Богородица се чека до еден час, АМСМ со важно предупредување
На Табановце за влез се чека околу 30 минути, а АМСМ предупредува на внимателно возење на повеќе делници поради можност од одрони и зголемена фреквенција на возила.

Сообраќајот на државните патишта во Македонија во текот на денот се одвива непречено, а коловозите се суви. Сепак, интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е зголемен поради зголемената фреквенција на возила.
На граничните премини се регистрирани следните задржувања:
- ГП Табановце: околу 30 минути за влез во државата и 10 минути за излез;
- ГП Богородица: околу еден час за излез од државата и околу 10 минути за влез;
- На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања.
АМСМ со апел до возачите
Од АМСМ препорачуваат возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и внимателно да управуваат со возилата.
Особено внимание се препорачува на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои можност од појава на одрони.
На внимателно возење се повикуваат возачите на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Летен режим и забрани за тешки товарни возила
Од 15 април, патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е отворен за сообраќај за сите видови возила до 3,5 тони.
Во периодот од 1 јули до 31 август важи летен режим со забрана за движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони во одредени термини за време на викендите:
- петок: од 17:00 до 22:00 часот;
- сабота: од 09:00 до 18:00 часот;
- недела: од 09:00 до 22:00 часот.
При екстремно високи температури, забраната важи и од понеделник до четврток, во периодот од 11:00 до 17:00 часот, согласно определувањето на Министерството за здравство.
Забраната не важи за возила што превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури, леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, опасни материјали, како и за возила ангажирани за изведување проекти на државните патишта.
Посебен режим на А2 Скопје – Охрид
На магистралниот пат А2, делницата Скопје – Охрид – Скопје, до 1 септември важи посебна забрана за движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 7,5 тони за време на викендите.
Забраната е во сила:
- петок: од 15:00 до 22:00 часот;
- сабота: од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот;
- недела: од 07:00 до 22:00 часот.
Овој режим е воведен со цел да се намалат сообраќајните застои кон Охрид, да се олесни протокот на возила и да се намалат гужвите кај наплатните станици во текот на туристичката сезона.
И оваа забрана не се однесува на возила што превезуваат живи животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока.
РАБОТИ НА ПАТИШТАТА
На повеќе патни правци во земјата се одвиваат градежни и санациони активности, поради што се воспоставени временски режими на сообраќај.
На Р1204 во Штип, од 6 јули 2026 година, е воспоставена времена измена на сообраќајот поради санација на мостот на реката Брегалница. Режимот ќе трае до завршување на санацијата.
На А2, делницата Гостивар – Стража, се изведуваат санациони работи на мостовите, меѓу кои мостот број 4 – Вијадукт на Атанасова Река и мостот број 7 – Вијадукт на Дол. Поради градежните активности е воспоставен времен режим на сообраќај.
Санациони работи се изведуваат и на А2 кај мостовите на реката Вардар во близина на село Желино, во двата правци, Скопје – Желино и Желино – Скопје.
На А1, делницата Смоквица – Гевгелија, од март се изведуваат активности за поставување премин на интерконективен гасовод под автопатот „Пријателство“. На делницата е поставена соодветна сигнализација за времен режим на сообраќај.
На скопската обиколница А2 се врши рехабилитација на делница во должина од околу 250 метри, од клучката Волково до клучката Кондово. Затворена е левата сообраќајна лента, додека движењето се одвива по средната и десната лента.
Времен режим на сообраќај е воспоставен и на Р1202, делницата Косоврасти – Мелнички Мост, поради санација на свлечиште.
Во рамки на изградбата на Коридор 10Д, во тек е времен режим на сообраќај на патниот правец Прилеп – Битола. Движењето на возилата се пренасочува по регионалниот пат Прилеп – Битола, на делницата од клучката Лагово до Тополчани.
Возачите се советуваат да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да ја прилагодат брзината во зоните каде што се изведуваат градежни активности.

