GOOGLE ЈА ПУШТА НОВАТА AI МОЌ Gemini Spark ќе завршува дел од работата наместо вас
Новата функција може да ги анализира мејловите и календарот, да сумира долги преписки и да креира извештаи во Google Docs, но пристапот засега е ограничен само за претплатници.

Google започна со проширување на достапноста на Gemini Spark, својот AI асистент кој беше претставен на годинешната конференција Google I/O. Новата функционалност постепено ќе стигне до поголем број корисници кои се претплатени на платените Google AI пакети. Во САД, Gemini Spark сега им е достапен на сите претплатници на Google AI Pro, пакет кој чини 20 долари месечно. Паралелно, компанијата започна и глобално проширување на услугата за корисниците на Google AI Ultra, чија претплата чини меѓу 100 и 200 долари месечно.
Сепак, бесплатната верзија на Gemini засега нема да го добие Spark. Функцијата има и дополнителни географски ограничувања, па во моментов не е достапна во Европската економска област, Швајцарија, Велика Британија и Нигерија. Google предупредува и дека достапноста може да зависи од јазикот што го користи корисникот. Gemini Spark е изграден врз моделот Gemini 3.5 и е длабоко интегриран со Google Workspace. Неговата цел е да оди чекор подалеку од класичниот чет-асистент и активно да му помага на корисникот во секојдневните дигитални задачи.
Функцијата може да се отвори преку посебна страница во страничното мени на десктоп верзијата, но и преку мобилната апликација. Една од опциите е автоматска анализа на електронската пошта и календарот, преку која Spark може да ги издвојува најважните обврски, состаноци и информации за тековниот ден. Асистентот може да креира и нацрт-одговори на пораки од избрани контакти, да обработува долги разговори и да прави нивни кратки резимеа. На тој начин корисниците би можеле побрзо да ги пронајдат клучните информации без да ги читаат целите преписки.
Spark нуди и можност за создавање подетални извештаи во Google Docs. Со комбинирање податоци од белешки од состаноци и електронска пошта, алатката може да подготви структуриран документ, што претставува уште еден чекор кон поголема автоматизација на работните процеси во Google Workspace. Од Google наведуваат дека ова е само дел од функционалностите на Gemini Spark, додека дополнителни информации и детали за користењето се достапни преку официјалните канали за поддршка на компанијата.
Со новото проширување, Google продолжува да го развива Gemini во насока на AI асистент кој не само што одговара на прашања, туку може да поврзува информации од различни сервиси и да презема дел од секојдневните дигитални задачи на корисниците.


