ГОЛЕМ ПРЕСВРТ ВО ОДНОСИТЕ СО ИНДИЈА Скопје и Њу Делхи отвораат ново поглавје, се споменува и амбасада

Сиљановска-Давкова и индиската претседателка Друпади Мурму разговарале за отворање резидентна амбасада на Индија во Скопје, зголемување на трговската размена до 500 милиони долари и нови инвестиции во повеќе стратешки сектори.

ГОЛЕМ ПРЕСВРТ ВО ОДНОСИТЕ СО ИНДИЈА Скопје и Њу Делхи отвораат ново поглавје, се споменува и амбасада
Фото: Принтскрин

Подигнување на билатералните односи на уште повисоко ниво, можност за отворање резидентна Амбасада на Индија во Скопје и продлабочување на економската соработка биле главните теми на денешната средба меѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и индиската претседателка Друпади Мурму.

Мурму престојува во дводневна официјална посета на Македонија, која е историска бидејќи станува збор за прва посета на индиски претседател на државата. По средбата, Сиљановска-Давкова на заедничката прес-конференција истакна дека двете страни ја потврдиле решеноста за натамошно унапредување на односите и поздравиле зголемениот интензитет на политичкиот дијалог меѓу Скопје и Њу Делхи. Според неа, контактите меѓу владите, министерствата, парламентите и институциите треба да бидат почести, подобро структурирани и поамбициозни.

Претседателката изрази благодарност за зголеменото присуство на Индија во Западен Балкан и Југоисточна Европа, додавајќи дека Македонија очекува во иднина да биде отворена резидентна индиска амбасада во Скопје. Посебен акцент на разговорите бил ставен на економската соработка. Сиљановска-Давкова оцени дека економското партнерство меѓу двете земји треба да го достигне нивото на политичките односи.

Како потенцијални области за продлабочување на соработката ги посочи автомобилската индустрија, фармацевтскиот сектор, здравството, информатичките технологии, аутсорсингот, обновливите извори на енергија, земјоделството, прехранбената индустрија, машинството, логистиката и напредното производство. Во фокусот биле и вештачката интелигенција, дигиталната трансформација, научните истражувања, соработката меѓу универзитетите и развојот на нови технологии.

Сиљановска-Давкова истакна дека Македонија, со својата географска положба, квалификуваната работна сила и пристапот до европските пазари, може да биде атрактивна дестинација за индиските компании кои сакаат да го прошират своето присуство во Европа. Во таа насока, таа најави и учество на двете претседателки на Македонско-индискиот бизнис-форум, со цел дополнително да се охрабри соработката меѓу компаниите од двете земји.

Според податоците што ги изнесе Сиљановска-Давкова, минатогодишната трговска размена меѓу Македонија и Индија изнесувала околу 133 милиони американски долари. Таа смета дека оваа бројка е значително под реалниот потенцијал и предложи целта во следните пет години да биде зголемување на размената на најмалку 500 милиони долари. Како области со голем неискористен потенцијал биле издвоени и културата, образованието, науката, иновациите, младинските размени и академската соработка.

Двете претседателки разговарале и за можностите за развој на туризмот. Сиљановска-Давкова истакна дека Македонија има потенцијал да привлече повеќе индиски туристи, благодарение на природните убавини, културното наследство, археолошките локалитети и локалитетите под заштита на УНЕСКО. На средбата биле разгледани и глобални прашања и иницијативи на Индија. Сиљановска-Давкова посочи дека Македонија, според првичните проценки, нема пречки да се приклучи кон Меѓународната соларна алијанса, Глобалната алијанса за биогорива и Коалицијата за инфраструктура отпорна на природни катастрофи.

Двете претседателки разговарале и за соработката во рамките на Обединетите нации. Сиљановска-Давкова оцени дека денешната средба не била само можност за осврт на досегашните односи меѓу Македонија и Индија, туку и за поставување основи за нивната заедничка иднина, со посилен политички дијалог, поголема трговска и инвестициска размена и продлабочена соработка во науката, образованието и здравството.

CATEGORIES
Share This