БЕЗ ЗАСТОИ НА ГРАНИЦИТЕ, НО ПОСТОИ ОПАСНОСТ НА ПАТИШТАТА – АМСМ со апел до возачите
Сообраќајот низ Македонија се одвива без поголеми пречки, а на граничните премини нема подолги чекања.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).
Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, додека на граничните премини, од македонска страна, засега не се регистрирани подолги задржувања при влез и излез од државата.
Од АМСМ апелираат до возачите да бидат особено внимателни, да ја приспособат брзината на движење според условите на патот и доследно да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација.
Посебна претпазливост се препорачува при движење низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои опасност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во однос на сезонскиот режим на сообраќај, патниот правец Охрид – Ресен, преку Националниот парк Галичица, е отворен за сообраќај од 15 април за сите видови возила со тежина до 3,5 тони.

