ГАЛИЧНИК СТАНУВА СВЕТСКА УМЕТНИЧКА СЦЕНА Еве кои познати автори пристигнуваат ова лето
Десет уметници од Македонија и светот ќе создаваат дела инспирирани од планината, традицијата и колективната меморија на Галичник.

Ликовната колонија „Галичник“ и годинава продолжува да го потврдува статусот на една од најзначајните меѓународни уметнички платформи во Македонија. По 37 години постоење, колонијата повторно ќе ги обедини врвните домашни и странски уметници, авторски кураторски концепти и современи уметнички практики, приближувајќи ја уметноста до пошироката публика.
Со повеќе од 400 учесници од Македонија и од светот низ својата историја, богата колекција на современа уметност и бројни меѓународни соработки, „Галичник“ одамна е препознатлив простор за културна размена и создавање нови уметнички идеи.
Овогодишното издание носи концепт под наслов „Галичник како медиум“, со кој местото не се гледа само како локација каде што престојуваат уметниците, туку како активен дел од самиот процес на создавање.
Планината, традиционалната архитектура, светлината, тишината, локалната заедница и колективната меморија стануваат инспирација и соучесници во создавањето на новите дела. Уметниците нема само да создаваат во Галичник – тие ќе создаваат заедно со Галичник.
На годинашното издание ќе учествуваат:
🇷🇸 Нина Тодоровиќ
🇭🇷 Зденко Бужек
🇽🇰 Арт Чибукчиу
🇦🇹 Клеменс Гахтер
🇻🇳🇳🇱 Фук Нгујен
🇷🇸 Предраг Терзиќ
🇧🇬 Радостин Седевчев
🇯🇵 Сами Каваниши
🇲🇰 Елпида Хаџи-Василева
🇲🇰 Кристина Пулејкова
Во рамки на отворената програма, љубителите на современата уметност ќе можат директно да се запознаат со авторите и нивниот процес на создавање. нА 14 и 15 август ќе има презентации и разговори со уметниците додека на 16 август е традиционална креативна работилница за деца.
Организаторите ги покануваат сите љубители на културата и Галичник да бидат дел од ова уникатно искуство и да го проследат создавањето на нови уметнички дела во автентичниот амбиент на планинското село. Ликовната колонија „Галичник“ не создава само уметнички дела, туку и нови идеи, професионални врски, културна меморија и трајни поврзувања меѓу луѓето, местото и современата уметност.
Галичник не е само место. Тој е медиум.

