ОВОЈ РАСКАЗ ГО ОСВОИ ЖИРИТО Марјан Патлиџанковски е новиот добитник на „Живко Чинго“

„Службен пат до Тирана“ ги надмина останатите 23 дела со силната порака, оригиналноста и впечатливиот стил.

ОВОЈ РАСКАЗ ГО ОСВОИ ЖИРИТО Марјан Патлиџанковски е новиот добитник на „Живко Чинго“
Фото: Принтскрин

Писателот и книжевен истражувач д-р Марјан Патлиџанковски е годинашен добитник на наградата „Живко Чинго“ за најдобар расказ. Неговото дело „Службен пат до Тирана“, објавено под шифрата „Патникот“, е избрано како најуспешно на конкурсот.

Жири-комисијата во состав Димитар Пандев, Славе Ѓорѓо Димоски и Иван Џепароски оцени дека расказот се издвоил меѓу 24 пристигнати дела поради начинот на кој ги обработува етичките и човечките вредности низ една современа тема, но и поради стилската зрелост и прецизниот јазичен израз.

Во образложението, комисијата посочува дека делото се издвојува со својот антрополошко-етички пристап, емпатијата кон различностите, хумористичната димензија и оригиналноста на темата.

„Службен пат до Тирана“ е дело во кое современото секојдневие се испреплетува со човечките дилеми, при што авторот успева да создаде приказна со препознатлив стил и силна порака.

Марјан Патлиџанковски е роден на 22 мај 1973 година во Скопје. Дипломирал, магистрирал и докторирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонска и јужнословенска книжевност.

Како книжевен истражувач, има објавено повеќе научни трудови, меѓу кои анализи посветени на творештвото на Славко Јаневски, фолклорните мотиви и македонското книжевно наследство. Автор е и на научните студии „Иницијацијата (пубертетска и херојска) во македонската народна епска поезија“ и „Средновековното македонско скрипторско наследство“.

Во 2023 година ја освоил втората награда на конкурсот „Раскажувам фотографија“, а неговиот расказ „Аурата на Саанви“ бил објавен на македонски и албански јазик. Во 2024 година ја добил меѓународната награда „Книжевен круг“ за критика и книжевна историја.

Патлиџанковски е автор и на книгата за деца „Едно лето на Никола“, како и на збирката раскази „Езерград – скопски приказни“. За овие изданија во 2025 година ја добил наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за публицистика.

Наградата „Живко Чинго“ свечено ќе му биде врачена на традиционалната манифестација „Вечер на Живко Чинго“, која секоја година на 13 август се одржува во селото Велгошти, родното место на големиот македонски писател и раскажувач.

CATEGORIES
Share This